Содржината на примероците РДФ, отпадот за горење, ќе се носат на испитување во Естонија, потврдија за Телма извори од надлежните институции.

Таму ќе се проверува што имало во балите земени од камионите кои превезуваат РДФ за горење во скопската цементарница Усје.

Првичните информации се дека покрај проверката во царинската лабораторија во Скопје која нема целосен капацитет за вакви испитувања, деталната анализа на содржината ќе се врши во странство во балтичката држава. Царината особено од невладините беше под удар затоа што не спроведуваше истражување на содржината туку се потпираше на царинските декларации за увозот на италијански отпад.

Денешната проверка е наречена вонреден надзор, објаснуваат од царината и има за цел да ги сузбие сомнежите на јавноста дека се увезува и се гори опасен отпад.

Во државата РДФ отпад за горење увезува и користи само Усје, лани увезле над 4 илјади тона главно од Италија. Транспортот на РДФ се врши секој вторник, од Италија се носи со брод до Солун, а потоа со камиони се префрла до Усје.

Вчерашниот редовен транспорт се состоел од 16 камиони, секој 4-ти е оставен на граница. Менаџментот на УСЈЕ во петокот пред медиумите тврдеше дека отпадот не загадува, не е опасен и се користи во производствениот процес.