24Предизвиците на родителството некогаш и сега, улогата на педијатрите во животот на семејство со мало дете, кои се најголемите современи опасности за здравјето на децата во времето во кое живееме и кои фактори можат поволно да влијаат за квалитетот на животот на младата популација, ова беа само дел од темите опфатени во првата панел дискусија на првата регионална конференција на тема „Родителството некогаш и денес“, што во организација на компанијата Алкалоид и под покровителство на нејзиниот глобално познат бренд за нега на деца Бекутан, се одржа денес во хотелот Хилтон во Скопје.

44

Научните аргументи ги изнесоа специјалистот радиолог од Хрватска д-р Натко Бек, прим. д-р Марина Поп-Лазарова, прим. д-р Ирена Бралиќ, д-р Горан Вукомановиќ, прим. д-р Амра Јунузовиќ-Каљиќ и дипл. педагог Јелена Холцер кои беа дел од првата панел дискусија, насловена како „Дали мама или баба знае подобро “. Сите стручњаци беа сложни околу тоа дека начинот на живот битно влијаат не само на здравјето на децата туку и на начинот на кој родителите се поставуваат кон родителството.

33

Во текот на конференцијата се одржаа и неколку други панел дискусии поврзани со родителството и децата во современиот свет, каде за сопствени примери и искуства низ непосредни дискусии зборуваа и популарни личности од регионот, како актерот и водител Тарик Филиповиќ, актерот познат по улогата во филмот Тома, Петар Бенчина, македонскиот актер Сашко Коцев, српската водителка Сања Кужет, сопругата на Тарик Филиповиќ, Лејла, хрватската актерка Мирна Медаковиќ-Степинац и шоуменот Жарко Димитриоски- Жаре.

Педијатрите треба да бидат подостапни, но, во времето кога се почесто се консултира интернетот или социјалните мрежи кога е во прашање некаков здравствен проблем на детето, треба да претставуваат и бариера за дезинформации, кои влијаат на донесувањето на правилни одлуки кога е во прашање здравјето на детето, беше мислењето на Горан Вукомановиќ, педијатар, специјалист кардиолог од Белград. Во морето понудени спасоносни решенија кои се нудат онлајн, најразлични суплементи, диети и совети за исхраната, родителот треба да знае дека за здравиот сон и физичката активност немаат замена, додаде Вукомановиќ. Лекуваме деца и со по 30 килограми вишок, им даваме лекови за хипертензија. Превентивни прегледи речиси и да нема, сите што доаѓаат се идни пациенти. Кардиологот посебно се осврна на навиките на младите родители, па се случува дете ако пред него не стават таблет, нема да јаде, тоа време поминато пред екран, заедно со недостигот на сон подоцна се одразува на прекумерна тежина, истакна тој, и додаде дека најголем пораст на обезни деца се случил во периодот од 2000-2019 година. Според стручњакот, седењето е исто толку голем ризик фактор како и никотинот за кардиоваскуларни болести.

22

Гостинката, специјалистка педијатар од Хрватска, Амра Јунузовиќ Кљајиќ, зборуваше за улогата на бабите и дедовците, кои, според неа се вистинска тампон зона меѓу родителите растргнати со обврски и децата. Еволуцијата на општеството и културните промени, експанзивниот раст на технологијата за родителите стана оптоварувачка, рече Кљајиќ. Влијанието на социјалните мрежи врз родителите преку наметнувањето на нереални модели на деца создава дополнителен притисок. „Пред неколку децении со вакцинирање го намаливме присуството на голем број болести, денес имаме предизвик да се вратат епидемиите поради нискиот степен на опфат со вакцинација поради родителската грижи. Имаме повеќе автоимуни болести, алергии, хронични болести што е резултат на глобализацијата на употребата на одредени намирници, прекумерната употреба на хемиски препарати, загадениот воздух“, истакна педијатарката.

6

Проблемот со неактивноста и дебелината кај децата денес може да предизвика денешните деца да имаат пократок животен век од денешните возрасни, беше оценката на Ирена Бралиќ, специјалист педијатар. Честопати првиот оброк, рече таа, не е пред 10 часот, потоа се случува прејадување, денешните деца за жал се почесто имаат погрешни прехранбени навики, но тоа е она што го стекнале во својот дом. Заедничките оброци во семејниот дом се реткост, а таму се стекнува таа прехранбена култура. Децата денес, поради темпото на кое се изложени родителите се почесто се без интеракција со своите татко и мајка, како да егзистираат паралелно со нив а не покрај нив, вели докторката Бралиќ.

„Детето не доаѓа со упатство за употреба“, потсети Марина Поп-Лазарова, специјалист неонатолог, „Родителите треба да развијат партнерство уште во бременоста за да се подготват за она што се очекува, на мајките апсолутно им е потребна психолошка поддршка, присуство на таткото при породување е голема емоционална поддршка и е многу важно за поврзувањето на родителите со детето. Зборувајќи за она што таа го нарече „првите 1000 најважни денови во животот на бебето“, Поп-Лазарова зборуваше и за важноста на доењето за здравјето на детето, наведувајќи дека во македонското општество традиционално сме охрабрени да се дои бебето, најголем дел од родилките се изјаснуваат дека ќе го дојат бебето, но кај младите родители неретко се случува криза – детето ќе почне да плаче, тогаш веднаш помислувате дека детето е гладно, а тоа предизвикува паника, па се посегнува по прихранување.

77

И покрај тоа што се почесто „д-р Гугл“ е консултиран за тоа што да се превземе за болеста на детето, родителите читаат, но сепак сакаат да го слушаат него и мислењето на педијатарот, односно оној на кој му верувате, заклучија педијатрите.

Вториот панел на тема љубовта кон децата и поставувањето граници го донесе заклучокот дека во родителскиот однос кон децата најважно е искажувањето на љубовта и создавањето меѓусебно разбирање, но дека и поставувањето на граници е многу важно.„Попуштам често, ама повторно мене почесто и се доверуваат, бараат помош, а таткото го доживуваат како поголем авторитет“, рече Лејла Филиповиќ. И како што растат, иако навидум не сум веќе нивен центар на светот, штом ќе загусти, јас сум првата која ја бараат“.

Говорниците се сложија дека родителите пред се треба да им бидат родители на своите деца, а помалку пријатели, не само затоа што во тој однос мора да се постави некаква хиерархија, туку и затоа што родителот е тука за да го обезбеди непречениот развој на своето дете, кое пријателите ионака ги бара надвор од родителскиот дом, истакна Јелена Холцер, психолог.

88

„Ние сме првата генерација на родители кои одгледуваат своите деца во услови на живот исполнет со изложеност на технологија, сменети се времињата и ние заедно учиме како да се адаптираме на времето и новите технологии, треба да учиме како родители, но и од нашите родители“, рече Ружица Максимовска, бизнисменка од Скопје и мајка на три деца.

Според Сања Кужет најдобро воспитување на детето е воспитувањето преку личен пример. Ако гледате дека детето се развива во добра насока, не притискајте премногу. Мораме и ние како родители да се менуваме и да се ослободиме од преголемите стравови, истакна таа.

И педијатрите и познатите родители кои зборуваа на конференцијата имаа зборови на почит за улогата на дедовците и бабите во правилниот развој на децата. Тие имаат трпение кое ние го немаме, а им посветуваат и повеќе внимание, некогаш и како компензација за времето што не стигнале да ни го посветат нам, се сложија тие.

55

„Да ни се живи бабите и дедовците“, извика македонскиот актер Сашко Коцев, кој на третиот панел зборуваше за улогата на таткото и за татковството, заедно со колегите Тарик Филиповиќ и Петар Бенчина. Во дискусијата која предизвика особен интерес кај публиката, а беше пренесувана и онлајн, тој се потсети на времето кога самиот станал татко. „Најпрвин не знаеш што ти се случува, наеднаш ти спиеш во детската соба“, се потсети Коцев, на што Тарик Филиповиќ се надоврза дека „тогаш сфаќаш дека веќе не си најважниот во светот“. „После некое време сфаќаш каква е промената во животот и што си пропуштил во животот до сега“, рече Бенчина, кој е татко на три деца.

Гостите, и нивниот домаќин Жаре беа едногласни дека периодот на татковство, колку и да е предизвикувачки и напорен, сепак е најскапоценото животно искуство. Јас веднаш се нафатив да го бањам моето дете, уживав во тоа, најдобар сум во таа улога, јас предавам бањање, вели Сашко Коцев и се потсетува: „ Од 7 наутро до 7 навечер сум на снимање, честопати на претстава, па сепак доаѓав дома да го бањам бебето, и се чудам од каде ми беше таа енергија“.

„Ако ви велат – не го држи во раце, ќе се навикне и ќе бара стално, држете ги во раце колку сакате бидејќи тоа време ќе помине како еден миг, а потоа ќе ви фали“, се сложија говорниците.

Во врска со поделбата на улогите во родителството, говорниците истакнаа дека таткото не е тука за да помага, туку активно да се вклучи во процесот на одгледувањето на детето. „ Ти си тука за да бидеш -татко“, рекоа учесниците на панелот за улогата на таткото.