Сите случаи на лажни јавувања за поставување бомби и терористички напади, што се случија во изминатиот период се затворени. Од аспект на полиција доставени се материјали до Јавното обвинителство и секако таму каде што има елементи за извршено кривично дело ќе мора да се носи одговорност, затоа што е многу важно дека никој и во ниту еден момент не смее да се поигрува со безбедноста, бидејќи тоа предизвикува сериозни последици во овој дел, нагласува во интервју за МИА, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

– Да, тоа беа лажни дојави што предизвикуваат и страв и несигурност кај граѓаните, меѓутоа и многу ангажман кај службите генерално и кај Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност. Притоа се приведени во однос на едниот случај три лица кои на платформата „Тик-ток” објавија дека во еден трговски центар во Скопје ќе биде поставена бомба, значи ќе биде извршен терористички напад. Исто така, имаме приведување на едно лице кое лажно пријави дека има поставено бомба во близина на Владата при посета на еден висок функционер од Брисел и секако три лица имаме повикано на разговор што се однесува до лажно пријавување за наводно поставена бомба и во Македонскиот народен театар, појаснува Спасовски.

Спасовски истакнува дека за МВР во вакви случаи е важна брза мобилизација на сите служби.

– На тој начин се покажува колку Министерството за внатрешни работи и другите агенции се подготвени во овие случаи. Затоа сакам да истакнам дека колегите од Министерството за внатрешни работи, Одделот за организиран и сериозен криминал, понатаму Секторот за компјутерски криминал и форензика, потоа Одделот за антитероризам и секако Агенцијата за национална безбедност, секторите за внатрешни работи – сите за многу кратко време успешно организирани, преземени сите мерки и активности, и на тој начин покажуваме дека подготвеноста е на едно високо ниво да се одговори на секој безбедносен притисок, информира министерот за внатрешни работи.

Сепак, министерот Спасовски потенцира дека на подрачјето на целата држава 2021 година може да биде оценета генерално како стабилна во делот на безбедносната ситуација без да бидат регистрирани некакви посериозни безбедносни настани што ги имавме, и тоа е, подвлекува, најважно во однос на работењето.

Во видео интервјуто за МИА, што во целост ќе биде објавено утре, Спасовски говори на повеќе теми, меѓу кои за борбата со корупцијата, криминалот, мигрантската криза, аферата „Двојник”, ветингот во МВР, приоритетите за 2022 година во МВР, но и за неговите очекувања по изборот на новиот претседател во СДСМ.