Потпретседателката на СДСМ и вицепремиерка Мила Царовска во интервју за „360 Степени“ зборуваше за нејзината наследничка на министерката позиција во Труд и социјала, Рашела Мизрахи и барањето за разрешување од Владата поради случајот со таблата на која стои старото име на земјава.
„Секој министер потпишува свечена изјава дека ќе служи на граѓаните и дека ќе работи согласно Уставот и законите. Имаше една несреќна изјава во којашто вели дека ќе плати парична казна или прекршочна казна по однос на непочитување на Уставот… но повеќе станува збор за политичка одговорност“,вели Царовска.
Таа вели дека ова треба да биде политичка порака и кон другите функционери, но и кон Грција.
„Со ваквото однесување, политичари, независно дали од опозиција или од позиција, го загрозуваат развојот и интересот на државата. Замислете навистина Грција да пристапи кон одредени порадикални чекори кон нашата држава. Ние сме направиле историски исчекор, потпишан е договор со Грција, се приклучуваме кон НАТО, се движиме кон ЕУ и велиме сме го решиле прашањето со името, и одеднаш ви се појавува опозицијата, која и онака го кочеше целиот овој процес на развој на нашата држава и поврзување со соседите, сега на овој начин, заради евтина политика ја става државата во ризик“,рече Царовска и кажа дека мора да се понесе политичка одговорност.
Во однос на оправданието на Мизрахи дека таблата е наследена во министерството, Царовска рече дека Министерството за труд и социјална политика има официјална табла на влезот на министерството со новото име.
„Јас користев банер поради тоа што мојата активност како министерка беше главно на терен, во министерството имав една или две прес конференции по промената на Уставот и се гледа дека јас користев банер. Тоа е решение коешто јас сум го избрала. Секој министер согласно својата динамика на работа си креира, дали табла, дали банер, за одржување на прес конференции. Но, официјалната табла којашто секоја институција треба да ја има, стои на вратата на министерството“,рече Царовска.
Таа вели дека постојат 4 табли, како и банерот којшто го користела Царовска, но и прес сала со бели ѕидови, но дека Мизрахи одбрала да стои пред оваа табла со непроменето име и за тоа треба да сноси политичка одговорност.