Владата ја усвои Националната стратегија за правата на лицата со попреченост 2023-2030, со Акциски план на Националната стратегија за 2023-2026 година, која што е креирана со исклучителна партиципативност на лицата со попреченост и нивните организации, а ќе се спроведува со мерки за сите институции и министерства кои се обврзаа во истата.

Стратегијата е исклучително важна, бидејќи ги вклучува сите потреби на сите категории на лица со попреченост за кои тие парцијално се залагаа низ годините. Во стратегијата е прецизирано што се треба да се направи за лицата со попреченост, преку следење и реализирање на мерките и активностите во неа.

Оваа стратегија е дел од владината програма, а носител е Министерството за труд и социјална политика, со техничка поддршка на Германската агенција за меѓународен развој, со координација на владиното Национално координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост и техничко стручна поддршка на сите агенции на Обединетите Нации во земјава.

Во однос на спроведувањето на стратегијата, вклучени се скоро сите министерства и институции. Конкретно, министерствата за информатичко општество и администрација, за финансии, за правда, за локална самоуправа, за труд и социјална политика, за транспорт и врски, за образование и наука, за култура, за здравство, за економија, Државниот завод за статистика, Агенцијата за млади и спорт, како и Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија и Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија, кои соодветно по периоди треба јасно да ги испланираат активностите и мерките во кои се носители и/или учесници, во Акцискиот план 2023-2026, како и навремено да ги обезбедат потребните ресурси (човечки, материјални и технички) за нивна имплементација.

За реализација на стратегијата Владата одобри средства во висина од 46 милиони евра.

Националната стратегија е подготвена со апсолутна партиципација на 27 организации на лицата со попреченост, сите агенции на ООН во државата и на Делегацијата на Европската Унија. Во подготовката и со свои предлози учествуваа, 31 државна институција, академската фела преку Факултет за специјална едукација Скопје, Правен факултет- Скопје, Државен универзитет во Тетово, Стопанската Комора на Република Северна Македонија. Во процесот активно беа вклучени сите Национални сојузи на инвалидски организации во државата, Здружението на родители на деца со попреченост „Ресурсен центар”, здруженијата на граѓани, „Во мојот свет”, „Отворете ги прозорците”, „Инклузива” Куманово, „Полио Плус, „Хера”, Младинско здружение на глуви и наглуви „Млад Знак”, Доза Среќа, Институт за човекови права, Друштво за помош на лица со посебни потреби „Зрак”, Еурека Културен Центар, Куќа на среќа, Време е, Здружение на инвалиди „Шпреса”, ЗГ„Миресија”, Фондацијата „Чекор по чекор”, Избор Струмица, Македонско здружение на млади правници – МЗМП Скопје, Хелсиншки комитет, претставници од канцеларијата на Народниот правобранител и други.

Оваа стратегија е развиена согласно обврските и начелата преземени со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, чие што мото е „Ништо за нас, без нас”. Потоа истата е комплементарна со Европската стратегија за правата на лицата со попреченост, врз основа на податоци и анализи направени за моменталната состојба со почитувањето и остварувањето на правата на лицата со попреченост.