Почитувањето на верските права и слободи во Северна Македонија се на еднакво или дури и повисоко рамниште споредено со земјите членки на ЕУ. И христијаните и муслиманите речиси подеднакво би гласале ЗА на референдум за членство во Европската Унија и сметаат дека членството на Северна Македонија во ЕУ нема негативно да се одрази врз практикувањето на нивните верски права и слободи, а во одредени административни сегменти може и да ги подобри верските слободи.
Ова го покажува истражувањето на тема „Верските права и слободи и европските перспективи“ спроведено во декември 2019 година на стандардизиран национален примерок со 1115 испитаници постари од 18 години, од страна на Институтот за политички истражувања – СКОПЈЕ „ИПИС“ и порталот „religija.mk“, со поддршка од Фондацијата „Конрад Аденауер.
На прашањето како би гласале доколку има референдум за влез во ЕУ 64% од испитаниците одговориле со ЗА, додека 11% биле ПРОТИВ. Во однос на религиозната припадност сличен процент на православни и муслимани ја поддржуваат евроинтеграцијата, односно 63% православни и 67% муслимани.
Истражувањето, како што се посочува, покажува дека граѓаните очекуваат промени за одредени прашања поврзани со религијата и евентуалното членство во ЕУ. Така перцепцијата е дека членството во ЕУ ќе придонесе за решавање на црковниот спор и признавањето на МПЦ-ОА во православниот свет. Ваква е перцепцијата на 42% од православните верници, додека 30% сметаат дека нема да има промени.
Во однос на прашањето дали со членството во ЕУ, Северна Македонија ќе биде обврзана да регистрира други верски заедници, значаен дел, односно 44% од испитаниците одговориле потврдно. Ова е особено изразено кај православните верници, од кои 49% сметаат дека државата ќе биде обврзана да регистрира и други верски заедници по приемот во ЕУ.
Анкетираните изразиле верување дела влијанието на членството во ЕУ, особено ќе се почувствува во сегментот на заштита на верските објекти, кои се истовремено и заштитени културно-историски споменици. Во тоа веруваат 63% од испитаниците.
На прашањето дали во земјите на ЕУ се почитуваат верските права и слободи, 69% од граѓаните одговориле потврдно, додека 14% не се согласуваат дека во ЕУ се почитуваат верските права. Запрашани дали во Северна Македонија се почитуваат верските права и слободи 72% одговориле со да, а само 16% со не.
-Доколку се споредат одговорите на последните две прашања, може да се заклучи дека граѓаните сметаат дека почитувањето на верските права и слободи во Северна Македонија се на еднакво или дури и повисоко рамниште споредено со земјите членки на ЕУ. Одговорите на овој сет прашања потврдуваат дека перцепцијата на граѓаните околу почитувањето на верските права во земјата е висока и на многу слично рамниште со земјите од ЕУ, наведуваат авторите на истражувањето.
Имено, на прашањето дали доколку Северна Македонија стане членка на ЕУ, верските права и слободи ќе се подобрат 33% одговориле потврдно, 9% сметаат дека ќе се влошат додека повторно слично, како и на претходното прашање, високи 43% одговориле дека ќе останат исти.
На прашањето дали членството во ЕУ ќе го намали, зголеми, или влијанието на религијата во општеството ќе остане исто, 12% сметаат дека со членството во ЕУ ќе се намали, 13% сметаат дека со членството во ЕУ ќе се зголеми влијанието на религијата, а големо мнозинство од испитаниците сметаат дека нема да има промени во однос на влијанието на религијата во општеството по членството во ЕУ.
За тоа дали членството во ЕУ ќе влијае на практикување на верата, 17% одговориле потврдно, додека 60% сметаат дека членството во ЕУ нема да има влијание врз практикување на верата. На прашањето дали со членството во ЕУ, влијанието на двете најголеми верски заедници МПЦ-ОА и ИВЗ ќе се намали, ќе се зголеми, или ќе остане исто, 10% сметаат дека ќе се намали, 11% ќе се зголеми, а најголемиот дел 57% дека ќе остане исто, стои во истражувањето.
Во заклучокот од истражувањето, меѓу дригото се псоочува, дека поддршката за влез на Северна Македонија во ЕУ е стабилна и константна со мали осцилации во текот на изминатите две децении и дека таа е висока кај припадниците на сите религиски деноминации во државата, вклучително и двете најголеми. Генерално сè уште е присутен оптимизмот дека земјава ќе биде дел од ЕУ иако е тоа поизразено кај муслиманите отколку кај граѓаните со православна вероисповед. Испитаниците имаат солидни познавања во однос на религиозната афилијација во ЕУ. Повеќето испитаници сметаат дека различните религиозни групи во земјите членки на ЕУ целосно или донекаде имаат еднакви права, односно дека нема дискриминација на различните вероисповеди.