Со својата „замореност од проширување“ ЕУ ја губи атрактивноста и влијанитое во ЈИЕ. Играчи однадвор привлекуваат со воени мускули и економска моќ. Дали се тие вистинска алтернатива за ЕУ? Анализа на агенцијата ДПА, која ја пренесува Дојче веле.
За луѓето во Југоисточна Европа, на периферијата на Европската унија, 2019-та не беше добра година. Не се случи она што беше ветено – Советот на ЕУ во октомври не им даде зелено светло за почеток на преговори за приклучување на Северна Македонија и Албанија. На патот се препречија Франција и неколку други земји.
Во Србија и Црна Гора, две земји кои веќе преговараат за приклучување кон ЕУ, се засилуваат авторитарните тенденции на владеачките сили. Се зголеми притисокот врз опозиционерите и критичките медиуми. Албанија, која исто така не е демократски ученик за пример, во ноември беше погодена од тежок земјотрес со десетици загинати.
Негативниот став за преговори за приклучување во ЕУ беше особено разорен за Северна Македонија. Владата на социјалдемократскиот премиер Зоран Заев западна во криза и беа најавени предвремени парламентарни избори на 12 април. Таа постигна прилично многу со тоа што во февруари, и покрај огромниот отпор од националистичката позиција, ја преименува Македонија во Северна Македнија и го реши несреќниот спор за името со Грција. Атина претходно со децении ги блокираше евроатлантските амбиции на малиот северен сосед, поради тоа што една провинција во северна Грција исто така се вика Македонија. Сега се заканува опасност владата на Заев на новите избори да биде тргната од страна на десната опозиција.
„Разочарани сме“, изјави Заев во ноември за порталот politico.com. „Зашто, ЕУ вети дека ќе испорача доколку ние испорачаме, а таа тоа не го стори.“
Францускиот претседател Емануел Макрон своето вето го оправдуваше со тоа дека механизмот на преговорите за приклучување веќе не е соодветен и дури и даде еден, иако не убедлив, предлог за реформа. Во регионот сето тоа беше сфатено како кршење на довербата, како заканувачки израз на „замореност од проширување“ во клучните земји на ЕУ.
Унијата уште во 2003 година, на самит во Солун, свечено декларираше дека сите држави од Западниот Балкан треба да имаат перспектива за приклучување. Но, оттогаш само Хрватска успеа да стане членка – во 2013 година. За останатите држави перспективата сѐ повеќе исчезнува на хоризонтот. Се заканува опасност таа сосема да исчезне од пред очите на земјите од регионот. Постои ли и обратна закана? Може ли ЕУ да го загуби Балканот?
Други сили, како Русија, Кина и Турција, се чинат како алтернатива. „ЕУ остави вакуум кој Русија подготвено го пополнува“, оценува Соња Бисерко, која го води Хелсиншкиот комитет за човекови права во Белград. „Кина, пак, доаѓа со многу пари кои се даваат во форма на кредити, без стандарди и критериуми.“
Москва ѝ го јакне пред сѐ грбот на Србија, која не сака да го прифати губењето на својата некогашна провинција Косово. Државата во која живеат главно Албанци се одвои од Србија по вооружениот бунт и интервенцијата на НАТО во 1999 година и прогласи своја независност во 2008 година. Москва со своето вето го блокира приемот на младата држава во Обединетите нации.
Во Босна и Херцеговина, пак, Русија го поддржува силникот во српскиот дел од државата, Милорад Додик. Додик со своето сепаратистичко чаламење ги парализира институциите во и онака расцепканата земја, опустошена во војната 1992-1995. Во Црна Гора со неуспешен пуч, планиран од руски агенти во октомври 2016 година, требаше да се спречи приклучување на земјата во НАТО.
Руска стратешка цел е на Балканот да создаде „појас од воено неутрални земји“, рекол, според интерни документи во Министерството за надворешни работи на земјата домаќин, рускиот амбасадор во Скопје во 2017 година. Членството на Црна Гора и претстојното на Северна Македонија во НАТО, Русија не можеше да го спречи. Србија од бомбардирањето на НАТО во 1999 година исклучува можно членство во Алијансата. Во Босна и Херцеговина, Додик прави обиди да спречи секакво приближување кон Северноатланскиот сојуз.
Кина со стратегијата „Нов пат на свилата“ има концепт за спроведување на своите економски интереси кој се протега на повеќе континенти. Притоа, Балканот има улога на транзитен регион. Пекинг има мнозински удел во грчкото пристаниште Пиреја и ја модернизира железничката поврзаност на Белград и Будимпешта. Меѓутоа, проектите честопати се финансираат и со кредити од кинеските државни банки кои воопшто не се поволни. Проектите ги реализираат кинески државни фирми, честопати дури и со свои, од Кина „увезени“ градежни работници. Земјата каде се реализираат проектите има многу мала додадена вредност од сето тоа. Малата Црна Гора поради еден автопат финансиран од страна на Кина е соочена со опасност да падне во должничка стапица.
Турција под раководната палка на автократот Реџеп Таип Ердоган, пак, бара главно, но не и исклучиво, блискост со муслиманските политички фактори на Балканот. Партијата СДА во БиХ, која контролира голем дел од бошњачко-муслиманскиот дел на земјата, го велича како спасител. Но, со него му оди добро и на српскиот претседател Александар Вучиќ. Интересите на Ердоган, од една страна, се од економска природа – пласман на турска стока. Од друга страна, тој стреми и кон геополитичко влијание.
„Ентузијазмот за ЕУ во регионот се намалува“, оценува Флоријан Бибер, раководител на Институтот за ЈИЕ на Универзитетот Грац. „Меѓутоа, истовремено, екстерни актери како Русија и Кина немаат што многу да понудат“, додава тој. Често авторитарните и корумпирани елити на Балканот радо би ги прифатиле нивните проекти, меѓу другото, и заради лично богатење. „Но, кога ќе се погледнат инвестициите, тогаш се гледа дека оние на ЕУ се неспоредливо поголеми.“ На крајот на краиштата, вели Бибер, треба да се прашаат младите луѓе во регионот каде би сакале да живеат. „Нема да речат Пекинг, Истанбул или Санкт Петербург, туку Берлин или Виена.“