Беше тоа тежок ден за државата….27 април 2017 година.

Тогашниот режим кој никако не прифаќаше да си замине од власт, измислуваше разно-разни приказни за наводни тирански платформи и што ли уште не, а истовремено преку финансирање со црни пари на одредени организации кои никнуваа секојдневно, како и преку неколку телевизии, радија, интернет портали… ја заоструваше реториката и ја потпалуваше дел од јавноста.

Тој ден, Груевски, свесно беше надвор од државата, како и за сите други внатрешни случувања тој никогаш не е тука, ниту на седници на влада кога се потпишуваат сомнителни договори, ниту кога се случуваат црни сценарија, ниту кога треба да ја одлежи казната затвор. Груевски беше надвор, но Мицкоски беше заедно со толпата народ пред Собранието.

Внатре во Собранието неколку часа се случуваше пекол. Притиснати во ќош, дваесетина пратеници од тогашната опозиција на чело со Зоран Заев беа мета на разбеснетите демонстранти и насилници со качулки на главата. Само господ знае како немаше жртви тој ден.

Ништо не се случува туку-така…

Крвавото сценарио беше предходно добро подготвено а целта ни е јасна на сите – ДА НЕМА ПРОМЕНА НА ВЛАСТА.

Ова монстуозно сценарио не успеа а дел од организаторите, потпомагачите и извршителите се најдоа пред лицето на правдата. Следуваа апсења и судски пресуди.

Денес, таканаречениот патриотски институт на ВМРО-ДПМНЕ, организира некаков протест пред затворот во Штип за поддршка на осудените лица.

Замислете, партијата на која главно лого на претседателските избори и беше ПРАВДА, сега организираа протест за поддршка на оние кои организираа, потпомогнаа и извршија терор, насилство и обид за убиство на народни избраници во најголемиот храм на демократијата во една држава – Парламентот.

Тие денеска што го организираат овој протест се истите оние кои ги пуштија низ вода овие лица, ветувајки им брда и долини ако не падне режимот тогаш, но откако не им успеа тоа сценарио и откако во изминатиов период бевме сведоци на безброј писма од затворските ќелии со негативна содржина токму кон раководството на ВМРО-ДПМНЕ, сега со овој чекор се обидуваат да им се додворат на овие луѓе.

Денес ќе се покаже на дело лицемерството на ВМРО-ДПМНЕ кон осудените за 27 април!