Четврта година по ред ја предводиме листата за спроведување и имплементирање на политиките препорачани од Европската комисија, а еден од факторите за тоа е дигитализацијата на услугите, соопшти Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) по објавувањето на извештајот на ЕК „Работен документ на Комисијата за Програмата за економски реформи за 2021-2023 година за Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Турција“.

МИОА посочува дека неговите напори и придонесот за дигитализација на услугите дадени од јавните институции се високо ценети во мерката 14 „Зголемување на бројот на дигитални услуги обезбедени на Националниот портал за електронски услуги“ од извештајот на Европската комисија.

– Потребата за дигитализација на услугите се зголеми неверојатно во текот на пандемискиот период. Дигитализацијата на услугите е исклучително важна за да се намалат трошоците и потрошеното време. Нашата цел е да создадеме соодветно опкружување за деловниот сектор. Во моментов напредуваме во однос на услугите кои ги даваме на граѓаните, но правиме и чекори напред за услугите наменети за деловните субјекти. Имаме одлична соработка со сите министерства и државни органи во земјата и имаме цел да го зголемиме бројот на е-услуги уште повеќе во блиска иднина, информира МИОА.

Министетството за информатичко општество и администрација во соопштението додава дека ваквите резултати го мотивираат уште повеќе да ги исполни ветувањата, да ја зајакне меѓуинституционалната соработка и да ја подобри комуникацијата помеѓу министерствата и другите јавни институции во земјава.