Поранешната техничка министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи денеска не дојде на работа откако во саботата беше разрешена во Парламентот. Но, за функционирањето на оваа институција, во моментов има многу неизвеснотии. Имено, Законот за влада не предвидел околности како ќе функционира некое министерство во случај на разрешување на техничкиот министер. Контактирани од Алсат од Министерството за труд и социјална политика, се двоумат и велат дека бараат решение.

Министерство за труд и социјална политика:

„Министерството за труд и социјална политика е во процес на овластување на потписник. Кога ќе се донесе одлука, дополнително ќе ве известиме.“

За разлика од Министерството за труд кое остана без технички министер, од Владата велат дека со овој ресор до изборите ќе управува заменик-министерот и дополнителниот министер.

Влада:

„Потоа од периодот по изборите сè до формирањето на новата Влада, со Министерството за труд и социјална политика ќе раководи заменик-министерот.“

Сепак, не е јасно дали ќе бидат валидни одлуките кои ќе ги носи заменик-министерот како што тврдат од Владата поради тоа што во Законот за Влада се вели дека сите решенија за време на техничката влада, освен техничкиот министер, мора да ги потпише и дополнителниот заменик-министер. Во конкретниов случај нема технички министер, а потписите се поврзани.

Закон за Влада, член 44, алинеја 8:

„Сите акти од надлежност на раководниот службеник треба да бидат потпишани и од раководниот службеник и од дополнителниот заменик на раководниот службеник. Доколку актот е потпишан само од едното лице се смета дека истиот не произведува правно дејство.“

Разрешувањето на Мизрахи денеска повторно ги судри СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Техничката министерка Рашела Мизахи, беше разрешена ден пред распуштањето на Собранието по предлог на премиерот Оливер Спасовски, поради, како што беше наведено, кршење на Уставот и Договорот од Преспа.

Извор: Алсат М