Државата веќе со месеци е во борба со пандемија, техничката влада е со непотполн капацитет заради сопките од одредени чинители кои учествуваат во неа, здравствените работници се на истек на силите, економијата дише на шкрги за да преживее, а граѓаните се во грч, болка и паника…

На другата страна, за целиот овој критичен период стои еден лидер на опозиција чие его на вагата тежи повеќе од целата држава, со сè граѓаните и сите нивни проблеми во неа. По којзнае кој пат се докажа дека егото на Мицкоски е над сè и пред сè во државата. Ако се вратиме ретроспективно од почетокот на пандемијата, па сè до денес, ќе видиме дека сега веќе пропаднатиот тактизер во тој период од три месеца активно ја подгревал атмосферата, имал крајно непринципиелен однос кон целата држава и граѓаните, сервирал црвени линии и се разбира добро се забавувал, како во спортска, така и во боемска смисла. Истите црвени линии од кои не се поместуваше, вчера без ронка срам пред граѓаните и своето гласачко тело ги избриша како со гума. За него промената на ставовите е како “добро утро”, а колку таа варијабилност и поигрување со довербата на граѓаните може да биде скапа веројатно ќе сфати на 15 јули?!

Епилогот од сето тоа е билдање на неизвесност, туркање на државата во поголема кал, блокирање на сите ресори во кои имаа макар и најмал удел и на крај самиот сето тоа го проголта и рече избори на 15 јули!

Тоа е таа одговорност пред граѓаните на шпицниот кандидат со желба да биде премиер?!

А за каков кредибилитет да зборувме кога недопирлививот лидер на опозицијата:

  • го нема на листа во ниту една изборна единица, претпочита да биде над сите, а на крајот да ги собере бенефициите од она што другите ќе му го сработат на терен;
  • тврдеше дека избори најрано ќе има кон крајот на август или до средината на септември, а самиот понуди датум за избори 15 јули;
  • ја замајува јавноста дека издејствувал здравствени протоколи при гласањето, а прашањето е кој нормален би излегол на гласање без специјални протоколи, кога и сега во моментот постојат протоколи за најбанални работи како одење во супермаркет или кафана, ама за волја на вистината тој е скаран со протоколите;
  • го доведува во прашање присуството на меѓународните мониторинг мисии на ОБСЕ и ОДИХР, а всушност тоа никогаш не беше прашање;
  • и најважно од сè, како Мицкоски кој бараше избори кога ќе нема активни случаи на новозаболени со коронавирус во тек на две недели консекутивно, сега кога се бориме со втор пик на епидемијата се согласи на избори, односно како за него невозможното стана возможно? Ќе заврши ли пандемијата до 15 јули, или преку ноќ небезбедното стана безбедно?

Да имаше опозицијата лидер кој е разумен, помалку егоцентричен, поконзистентен во ставовите и позагрижен за здравјето на граѓаните, веројатно изборите веќе ќе беа зад нас и сега ќе бевме во процес на заздравување и нормализирање на условите во државата и формирање на институции кои со полн капацитет ќе се фатеа во костец со светскиот предизвик-коронавирусот?!

Да имаше, ама нема!