Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 03 до 09 мај 2021, тестирани се вкупно 15.781 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 5,4 отсто во однос на минатата недела. Регистрирани сe 1.304 нови позитивни случаи од 33 градови во државата со намалување од 37,2 отсто во однос на минатата недела.

Од Министерството за здравство информираат дека најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=482; 37,0%), со неделна инциденца – 78,0/100.000. Највисока неделна инциденца од 169,9/100.000 е регистрирана во Виница.

Процентот на позитивност се движи од 2,5 отсто до 12,2 отсто, просечно 7,5 отсто.

Од Институтот за јавно здравје посочуваат дека регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи.

– Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=508, 39,0%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 40-49 (n=227; 17,4%), 50-59 (n=208; 16,0%), 30-39 (n=176; 13,5%) и 20-29 (n=106; 8,1%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=26; 2,0%) и 10-19 години (n=53; 4,1%). Се забележува намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, со најголемо процентуално намалување кај лицата до 39 години (41,1%), се вели во соопштението.

По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 4.502 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, со зголемување од 12,2 отсто во споредба со минатата недела.

Пријавени се 105 смртни случаи од 21 град, 37,1 отсто помалку во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 91 лице биле над 60 години, 6 лица на возраст од 50-59 години, 5 лица на возраст од 40-49 години, 2 лица на возраст од 30-39 години и едно лице на возраст од 20-29 години.

Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 за периодот од 03 до 09 мај 2021 година, како и кумулативната состојба со Ковид-19 во Република Северна Македонија се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје.