Истражување на Оксфорд покажува дека вакцината на Фајзер е поефикасна против делта сојот на коронавирусот отколку на Астра Зенека, но заштитата што ја обезбедува се намалува побрзо.
Британската студија опфати 700.000 испитаници од декември 2020 година до август 2021 година.

Лицето кое добило втора доза на Фајзер пред еден месец, е 90 проценти позаштитено од делта сојот отколку невакцинирано лице, покажа анализата на примероците.

Два месеца по примањето на втората доза, разликата се намалува на 85 проценти, а по три месеци на 78 проценти.

Вакцината на Астра Зенека, според истражувањето, обезбедува 67 проценти заштита по еден месец, 65 проценти по два месеца и 61 проценти по три месеци.

По четири до пет месеци, нивото на заштита обезбедено од Фајзер и Астра Зенека се изедначува, се наведува во студијата, која се уште не поминала рецензија.

– Тие бројки „претставуваат пад“ во ефикасноста на вакцината на Фајзер, објасни Коен Поуелс, еден од авторите на студијата.

Сепак, истражувачите истакнуваат дека, и покрај намалувањето на нивото на заштита, „вкупната ефикасност на двете вакцини останува многу висока“.

Тие потенцираат дека истражувачите ја разгледале целокупната заштита од Ковид-19, а не заштитата од потешки форми на болести и хоспитализации, што е важно за „оценување на ефективноста на вакцината“.

Студијата е објавена во момент кога некои земји размислуваат за вакцинација со трета доза.