Република Северна Македонија од вчера има техничка Влада која ќе биде задолжена да ги организира и спроведе предвремените парламентарни избори на 12 април.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ влезе во владата на позиции предвидени со пржинскиот договор.

Мицкоски за дополнителен заменик министер во министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство го постави Цветан Трипуновски.

Трипуновски е чисто партиско решение. Од 1998г е член на ВМРО-ДПМНЕ. Бил претседател на Општински комитет Петровец. Бил пратеник, но она што треба да се напомене е дека во поголем дел од владеењето на Никола Груевски, Трипуновски бил на клучни позиции во ресорот земјоделство.

Од 2006 до 2008 е директор на Државната фитосанитарна лабораторија. Во периодот од 2015 до 2017 е именуван за директор на Инспекторатот за земјоделие. Цветан Трипуновски од 2009 до денес е член на партиската комисија за земјоделство. Тоа значи дека во последните 10 години е учесник во креирањето на земјоделската политика на ВМРО-ДПМНЕ.

Тоа, пак е време кога вистинските земјоделци мака мачеа да добијат парче обработлива земја од државата, додека огромни површини државно земјоделско земјиште добивале пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, нивни сопруги или сопрузи и истакнати високи функционери на таа партија. Списокот на такви примери беше голем.

Од СДСМ денеска излегоа со реакција во која потенцираат дека со назначувањето на Трипуновски за дополнителен заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, кадар на Никола Груевски, опозициската партија докажала дека е раководена од Будимпешта.

“Со години Трипуновски беше дел и ги поддржуваше погубните политики на ВМРО-ДПМНЕ во земјоделството, преку кои беше погазуван трудот на земјоделците. И по заминувањето од власт на ВМРО-ДПМНЕ, Трипуновски продолжи надвор од Законот да манипилира со земјоделците, за што му беше доделен отказ од позицијата Државен советник во МЗШВ. Кадарот на Груевски, Цветан Трипуновски беше меѓу главните организатори на партиските собири на ВМРО-ДПМНЕ кои лажно беа претставувани како протест на незадоволни земјоделци, иако на нив недостасуваа вистински земјоделци, а присуствуваа само членови и активисти на опозициската партија. Против Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ има и кривична пријава за злоупотреба на службената должност со што го оштетил министерството за 117.000 евра. Трипуновски е олицетворение на режимската матрица во ВМРО-ДПМНЕ и доказ дека во оваа партија ништо не се менува. Тоа е истата матрица на Груевски, матрица која не носи ништо добро за граѓаните, а нуди само деструкција, блокади, лажни вести и обнова на режимот. Со таквата понуда, ВМРО-ДПМНЕ ќе се соочи со извесен пораз на изборите на 12 април. Граѓаните нема да дозволат режим никогаш повеќе. На изборите на 12 април ќе ја поразат режимската, деструктивна матрица на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски и ќе потврдат дека со СДСМ земјоделството и државата се на прав пат.” реагираат од СДСМ.

Инаку, Цветан Трипуновски, пред извесно време беше фатен на дело како ги организира протестите на земјоделците.

Ипортал