Во изминатите денови многу се зборуваше за слабата и никаква одбрана на авганистанската армија. Во последните 20 години, САД и НАТО инвестираа огромни суми пари во развојот на авганистанските сили, давајќи им модерно оружје и логистика, и овие не издржаа ниту неколку дена во борбите со многу помалубројните талибанци.
Едната страна на приказната, значи, е за бавноста и слабоста на авганистанската војска. Но, постои и друга страна на приказната, онаа за силата и моќта на талибанците.

Како релативно мала група стана толку моќна и силна и за кратко време зазеде огромна територија?
Талибанците, пишува Би Би Си, се мала, но ефикасна група. Се проценува дека тие имаат 60.000 вистински борци. Кога ќе им се додадат некои сојузници и симпатизери, тој број се зголемува на околу 200.000.
Во последно време, како што напредуваат, тие запленија огромно количество оружје од авганистанската армија. Добар дел од тоа оружје им беше дадено на авганистанските сили од САД. На тој начин, талибанците дојдоа во сопственост на митралези, топови, минофрлачи и пушки со нишан прилагоден за ноќно таргетирање.

Тоа, секако, не е единственото оружје кое го имаат Талибанците. Авганистан има премногу оружје произведено уште во СССР, а кое датира од војните на муџахедините и советските сили во 80-те години од минатиот век. Талибанците со години го адаптираа оружјето и во многу ситуации покажаа дека застареното оружје може да го победи модерното. На пример, импровизираните експлозивни направи им нанесоа огромна штета на скапите и добро опремени американски и британски сили во последните децении.

Познавање на теренот

Една од клучните работи е познавањето на теренот. Противниците на талибанците – некогаш Советите, а потоа Американците и војниците на НАТО, дојдоа во Авганистан однадвор. Голема предност на талибанците е доброто познавање на теренот, што се покажа клучно во многу ситуации.
Покрај сето тоа, талибанците неодамна значително го проширија своето влијание и со текот на времето станаа популарни во оние области каде што претходно ги немаше премногу. Понатаму, тие претходно контролираа некои клучни гранични премини, со што финансиски ја ослабнаа владата во Кабул.

Талибанците постојано вршеа контролирани и планирани напади, точно знаеја кого напаѓаат и кого сакаат да убијат. Така, со текот на времето, тие убија голем број важни владини претставници, активисти за човекови права и новинари. На овој начин, тие полека, но сигурно, ги избришаа малите придобивки кои беа остварени во последните 20 години и го олеснија своето враќање на власт.