Политичката партија Левица, предводена од претседателот Димитар Апасиев, во текот на минатата 2019 година добила донација од приватна компанија во износ од скоро 18 илјади евра.
Поранешниот функционер на Левица, Здравко Савевски, објави регистар на донации за второто полугодие од минатата 2019 година, од кој се гледа дека партијата во овој период единствената донација ја добила од компанијата Аутсорс Консалтинг Сервис и таа изнесува 1,1 милиони денари.
„Еве ја таа Апасиева „Левица“, наводно работничка партија, која прима илјадници евра од фирми. По криминалниот упад на Апасиев во Левица, неговата партија-фирма почна да врти доста пари. Ама, да, на страната на работниците се“, напиша на фејсбук Савевски.
Според Апасиев, нема ништо спорно во оваа донација. Во изјава за Фокус, тој вели дека Законот за финансирање политички партии и дозволува на Левица, како и на секоја друга партија, да прима донации од физички и правни лица.
– Во конкретниов случај, примената парична донација е од правно лице и е далеку под границите на дозволениот законски максимум – така што, нема ништо спорно во процесот – вели Апасиев.
Тој појаснува дека донацијата потекнува од неколкумина симпатизери на Левица-иселеници од САД, кои, како што вели, сакаат да партиципираат во изградбата на сериозна партиска структура.
– Паричните средства покрај за организација на Пленумот, пререгистрацијата на партијата, опремувањето локални канцеларии во осум градови – меѓудругото е употребена и за плаќање на адвокатски и судски трошоци на наши членови – текстилни и индустриски работници кои ги стимулираме масовно да ги тужат газдите заради експлоатација на нивниот труд – истакнува првиот човек на Левица.
Извор: Фокус