Тазе излезена од анонимноста, барем за поширокиот дел од јавноста, техничката министерка за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи, денеска фрли уште една „дубара“ пред македонската јавност за побрз влез во светот на популарноста. Веројатно убедена дека за момент ќе биде најдобра во партиското маало, и покрај ризикот на крајот да нема среќа, се реши за уште еден „диверзантски зар“ со кој повторно го исфрли паното со додавката „Северна“, кое ексминистерката, Мила Царовска, го користеше за прес-конференции во Министерството за труд и социјала и продолжи да игра на таблата на која пишува Министерство за труд и социјална политика на Република Северна Македонија.
Факт е дека постои само една табла во Министерството, но факт е дека Царовска изнајде начин да го премости проблемот со соодветно пано, или банер, како што некои го нарекуваат, до промена на таблата со средства кои досега не биле обезбедени од буџетот. Сега Мизрахи тврди дека тој не постои. Аш, папала маца!
Темата на која се зборуваше на претходната прес-конференција беше проблемите со децата без родители, на денешната, наводните, злоупотреби на Царовска во Министерството. Но, очигледно и во двата случаја сценариото беше така смислено најгласна да биде пораката до јавноста – дека не може некој да биде вистински загрижен за системот на социјална заштита и неговата евентуална злоупотреба ако првенствено не е прототип на патриот замислен во лабораториите на Белата палата.
Мизрахи не е осамен опозициски претставник во техничката Влада. Тука се и првиот човек на МВР, Наќе Чулев, заменик министерот за земјоделие и вљубеник во камерата која лови изненадно, Цветан Трипуновски, потоа заменик министерот за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, како и заменикот во информатичко општество и администрација Невенка Стаменковска Стојковски. Една од ланските предавачи на Школата за млади лидери, која, како што знаеме, функционираше под покровителство на експретседателот Ѓорѓи Иванов, очигледно е одбрана како непартиски кадар да биде главен партиски арлекин на предизборната политичка сцена.
Тоа јасно го покажува и нејзиното денешно удирање в гради дека нема намера да ја менува таблата со името Република Македонија, па дури и била подготовена, како што вели, да плати казна од 5.000 евра, како своевидна финансико олеснувачка и патриотско разорна контра на укажувања дека го крши Уставот за кој потпишала заклетва дека ќе го почитува, дека ги проблематизира односите со соседна Грција и создава проблеми во реализацијата на двете децениски стратешки цели на земјата – членство во НАТО и ЕУ, што повлекува политичка и правна одговорност.
Целиот текст на порталот НОВА ТВ прочитајте го на следниов линк