Да имаше малку доблест и мудрост, техничката министерка за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи, сама требаше да си поднесе оставка на функцијата, пред да стигне во Собранието предлог од премиерот Оливер Спасовски за нејзино разрешување.

Без разлика дали таа ќе биде разрешена или не, овој случај открива како партијата ги јаде своите деца. Нема поилустративна лекција за сите што решиле своите професионални капацитети да ги стават на услуга на партија која негува двојни стандарди.
Легитимно е Рашела Мизрахи да не се согласува со промената на името на државата. Но, во таков случај, не требало да прифати да биде министерка во Владата на Република Северна Македонија, да прима плата од „северџански“ буџет и да дава заклетва пред Уставот на Република Северна Македонија. Едното со другото не оди.

Ако таа била лицемерна, двојно повеќе е таков одговорот на Христијан Мицкоски, лидерот на партијата што нејзе ја предложи за техничка министерка: „Ве охрабрувам прашањето за таблата да го упатите до министерката Мизрахи и убеден сум дека ќе добиете вистински одговор“.
Како може Мицкоски да има став за сѐ, но да нема за овој случај? Зарем Мизрахи сама и неовластено упаднала во Министерството и ја узурпирала највисоката раководна позиција, или е таму на предлог на најголемата опозициска партија?

Да е иронија уште поголема, второто излегување пред спорната табла Мизрахи го направи токму на денот кога ВМРО-ДПМНЕ гласаше за ратификација на Севреноатлантскиот договор. Што бранеше Мизрахи пред таблата во МТСП – својата наивност или демагогијата на ВМРО-ДПМНЕ?
Мицкоски постојано вели дека ВМРО-ДПМНЕ не ја игнорира реалноста со Договорот од Преспа, но и дека никој во овој демократски свет не може да ги спречи да се обидат да ја сменат неправдата што ни е нанесена со тој договор.
Во ред. И како ќе се смени неправдата? Со тоа што триесет и кусур пратеници од ВМРО-ДПМНЕ гласаат за закон со кој се ратификува членството на Република Северна Македонија во НАТО, а оставаат „битката” за Република Македонија да ја води една техничка министерка пред некоја табла од стиропор или иверка, толку време колку што трае нејзината прес-конференција. Јака битка.

Не е забрането Мизрахи да биде наивна. Не сме слушнале дека досега била вклучена во партиски тела, веројатно не ги знае ни игрите, ни двојните стандарди, ни бројот на деца што партијата и досега ги пуштила низ вода за свои цели. Ставот „прашајте ја Мизрахи“ е токму тоа, што не говори добро за одговорноста на партијата кон кадрите што ги предложила во пржинската влада. Пред тие да влезат во неа, самата партија објави видео како техничките министри и заменици седат на маса заедно со Мицкоски и во нивните тефтерчиња ги забележуваат последните инструкции пред стапувањето на функција.

И да биде поголем апсурдот, по обвинувањата за односот кон Преспанскиот договор, Мицкоски изјави: „Не можете да им забраните на луѓето да сонуваат. Оставете ги луѓето нека сонуваат и нека се борат да ја исправат неправдата која што мислат дека им е нанесена”.

Што порачува Мицкоски? Оставете ја Мизрахи нека сонува, нека создава привид дека нашата партија се бори за исправање на неправдата, ние од тоа ќе си собираме изборни поени, а ќе си гласаме за закони за Република Северна Македонија, под тоа име ќе си седиме во Европската народна партија, бидејќи ни таму не можеме да го смениме името, а камоли да го поништиме Преспанскиот договор. Немаме против партијата да ни се финасира од буџетот на Република Северна Македонија, од истиот да добиваме плати, немаме против да седиме во Собранието на Република Северна Македонија. Немаме против Мизрахи да се заколне пред Уставот на Република Северна Македонија, да влегува во МТСП на Северна Македонија и да добива плата од таму, но немаме против и ако направи малку ѓуртултија со таблата со името Република Македонија.

Не знам дали Мизрахи ќе се разбуди од сонот. Не од оној за исправање на неправда, туку од предизборниот партиски сон во кој е еднократно инволвирана, затоа што од партијата во неа препознале потенцијал за Донкихотовски подвизи.

На крајот, ако во МТСП има само една табла со претходното име на државата, избор на Мизрахи е дали ќе застане пред неа, или пред бел ѕид. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ еднаш застанаа пред бел ѕид кога други нивни колеги гласаа за уставните измени. Истите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ завчера гласаа „за“ влез во НАТО со името на државата што наводно не го прифаќаа. Ова не е сон. Ова е јаве. Мизрахи, или уште спие и сонува, или од занесеност во таблата не успеа да ја види големата манипулација.

Извор: ДВ