Иако уште не се знае дали изборите ќе се одржат на 12 април поради корона вирусот, партиите ги поднесоа кандидатските листи во законски предвидениот рок.

Според она што може да се забележи, СДСМ ќе ја води кампањата промовирајки ги реализираните ветувања, додека ВМРО-ДПМНЕ ќе води националистичка кампања, со акцент на Преспанскиот договор.

Граѓаните, доколку биде се во ред со корона вирусот, од 22 март до 10 април за време на кампањата ќе бидат сведоци на две дијаметрално спротивни кампањи.

Првите ќе даваат отчет за сработеното како и промоција на новите мерки а вторите ќе верглаат едно исто: името, па името…

И се ќе беше во ред, доколку Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ целиот овој период се однесуваа константно исто кон Договорот од Преспа.

Но, дали е така? Секако, НЕ!

Ако се вратиме наназад, во времето на “бомбите” на Заев, ќе се потсетиме на еден разговор помеѓу тогашниот премиер Груевски и министерот за надворешни работи, Антонио Милошоски, во кој двајцата соговорници разговараат за можните решенија за името на државата.

Независна или Суверена Република Македонија (Северна), Горна Република Македонија, Независна Република Македонија (Горна)…се` само дел од имињата со кои лицитира Милошоски.

Понатаму, на консултативниот референдум, Мицкоски, Јанушев и останатите од врвот на ВМРО-ДПМНЕ немаа храброст да го повикаат своето членство да излезе и да гласа ПРОТИВ договорот. Кукавички го бојкотираа референдумот без да кажат јасно и гласно, дали се ЗА или ПРОТИВ тој договор.

Впрочем, ВМРО-ДПМНЕ е партија која никогаш во историјата кога се донесуваме крупни одлуки за државата, немаат превземено одговорност. Тие, секогаш се обидуваат од таквите случувања да градат свој личен рејтинг а на штета на државата и нејзиниот меѓународен имиџ.

Колку се тие загрижени за додавање на географската одредница СЕВЕРНА во Уставното име, говори фактот што, кога се гласаше Договорот од Преспа, целиот врв на оваа партија, седеа дома во папучи и од таму преку фб статуси, наводно се бореа против таквата промена.

Ако навистина мислеа како што сега велат НИКОГАШ СЕВЕРНА, тогаш ке ги искористеа сите демократски средства како најголема опозициска партија и ќе организираа секојдневни протести, блокирање на патишта, ќе го повикаа членството на граѓанска непослушност и уште многу други форми на изразување на револт. Но, дали нешто од тоа се случи, НЕ. Само неколку штури прес конференции и толку.

Всушност, пред неколку дена, претседателот на десничарската Интегра, Љупчо Ристовски, во интервју сведочеше дека го повикал Мицкоски да излезат заедно со Иванов и црквата, а на тоа според него лидерот на ВМРО-ДПМНЕ му одговорил: Јас сум уценет човек, од мене не чекајте ништо…

Дека ВМРО-ДПМНЕ манипулира со своето членство и гласачите на ваквите теми, доказ е и 27 април, пресудниот ден за падот на режимот.

Кога се работеше за останување на власт на Груевски, Мицкоски и целата криминална банда, се организираа протести со недели, се носеа луѓе од сите краишта на државата, на митинзите ги заобиколуваа со мрежи, како во трла, се формираа и спонзорираа т.н патриотски здруженија за да на крај преку добро координирани и платени медиуми, се изманипулираат истите луѓе за да влезат во Собранието и спречат мирен трансфер на власта, спремни дури и да паднат жртви.

Наспроти тоа, донесувањето на преспанскиот договор, Мицкоски, Јанушев и останатите го дочекаа релаксирани во домашна атмосфера, без да мрднат со прст.

Дека додавката СЕВЕРНА воопшто не им пречи како доказ се и бројните патувања на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ низ целиот свет на сметка на државата, потпишани и платени од Собранието на РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА.

Затоа, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев, следниот пат кога повторно ќе праша некој негов политички опонент во дебата: Во која држава живее?, истиот треба да биде спремен на одговорот “…во државата под чие име кога се работи за службени патувања, без проблем се потпишуваат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.” Да, така е, кога треба да ги подигнат авионските карти и патните дневници за Америка и светот, платени од РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, тогаш за пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, додавката СЕВЕРНА не е воопшто проблем.

Ова се само неколку факти, за злоупотребата на темата за името, од ВМРО-ДПМНЕ во предизборната кампања. Тие, најверојатно ќе продолжат во тој правец, но право е на граѓаните и гласачите да ја увидат и осознаат оваа нивна неискреност и обид за вешта манипулација.