Словенечкиот портал „necenzurirano.si” објави детали за политичко-разузнавачка операција во триаголник Будимпешта – Љубљана – Скопје. Ова истражување во целост ги потврдува тврдењата на Нова ТВ објавени на 8 мај во 2018 година со наслов „Орбан во акција за спас на мегафоните на Груевски“
Во последните години, унгарскиот политички врв, преку една од словенечките банки и помагачи во Словенија, спроведува огромна меѓународна операција за политичко разузнавање и подршка на медиуми блиски до ВМРО ДПМНЕ во Македонија. Целта на оваа операција е да се собори владата на Зоран Заев и Преспанскиот договор кој на Македонија и обезбеди членство во НАТО, пишува „necenzurirano.si“
Во операцијата, клучна улога играат сопственици на круг унгарски медиуми блиски до партијата на Јанез Јанша, СДС, финансирани во тоа време од компании од непосредниот круг на Виктор Орбан, премиер на унгарската влада. Словенечкиот портал објави дека во нивната редакција добиле документи, податоци и информации од повеќе земји. Документите, како што пишува порталот, докажуваат дека најмалку три компании, тесно поврзани со унгарската владејачка партија Фидес, оствариле најмалку четири милиони евра во една фаза од работењето од август во 2018 година од кои – 1,5 милиони евра дознаки од унгарски извори остануваат во Словенија, а преостанатите 2,5 милиони евра заминале во Македонија.
Но, финансирањето на медиумите блиски до Јанша, не е единствената цел на унгарските дознаки од Словенија, откриваат документите. Во 2018 година, 2,5 милиони евра од Унгарија се депонирани во Македонија преку сметка во „Уникредит Словенија“ од Питер Шац, претседател на управниот одбор на словенечката „Нова ТВ24“ и еден од унгарските претприемачи кои контролираат медиуми на опозициската СДС на Јанша.
Податоците покажуваат дека Словенија била отскочна штица за испраќање унгарски пари во Македонија. Тоа го искористија унгарските сопственици на медиуми од кругот на СДС за да купуваат и финансираат медиуми што ги фаворизираат ВМРО-ДПМНЕ. Всушност, станува збор за финансирање на политичка активност во Македонија, пишува „necenzurirano.si“.
Унгарците на Орбан го зајакнаа својот финансиски влог во Македонија во пролетта во 2018 година, кога премиерот Зоран Заев и поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас преговараа за договор за преименување на земјата во Северна Македонија. Договорот беше потпишан во јуни во 2018 година што беше услов за пристапување на земјата во НАТО. Во тоа време, Македонија беше под притисок на протестите на приврзаниците на ВМРО-ДПМНЕ кои сакаа да го соборат Заев поради договорот. Според извори на „нецензурирано“, унгарските дознаки повторно се интензивираат со наближувањето на изборите закажани за 12 април. Трансакциите повторно се одвиваат преку Словенија.
Унгарските претприемачи поврзани со СДС на Јанша, преку словенечкиот финансиски систем, учествуваат во операција преку која тимот на Орбан работи директно против проширувањето на НАТО и интересите на повеќето земји-членки на ЕУ и официјалната словенечка надворешна политика, пишува „нецензурирано“. Напротив, тврди овој медиум, операцијата е во интерес на Русија, која е тесно вклучена во ситуацијата во Македонија на полето на разузнавање и спречување на интеграцијата на Македонија во НАТО.
Лидерот на СДС, Јанез Јанша, го знае сето ова многу добро. Тој редовно се состануваше и со унгарскиот премиер Виктор Орбан и со високи претставници на ВМРО-ДПМНЕ. Медиумите блиски до СДС, кои инаку не обрнуваат премногу внимание на надворешните работи, изненадувачки голем простор посветуваа на Македонија, пишувајќи критики за владата на Заев што беше спротивно на официјалната политика на Словенија која беше на линија на огромното мнозинство на други земји од ЕУ кои ја поддржуваа интеграцијата на Македонија. Ја поддржаа Северна Македонија на најбрзиот можен пат кон НАТО и ЕУ. Дел од оваа „новинарскo-разузнавачка мрежа“ е и весникот „Ла Верита“ и новинарот Гајсер кој пишуваше за аферата „Рекет“.
Средбата во Охрид
Операцијата започнува со средба во Охрид на 29 септември во 2017 година кога Орбан и Јанша, на официјален работен ручек со Груевски, изразија поддршка за ВМРО-ДПМНЕ пред локалните избори во Македонија. Но, во позадина, тие очигледно веќе правеа други планови. Само три дена претходно, на 26 септември, унгарскиот претприемач Агнес Адамик, кој е косопственик на „Нова ТВ24“ со своите сосопственици на СДС, го основа „Адинамик Медиа“ во Скопје за да ги купи македонските медиуми. Истиот месец, Питер Шатц го лансираше веб-порталот „Рипост“ во Македонија. Оригиналниот сопственик на домен за пропагандниот портал во Македонија е компанијата „Ш-Шац“ со седиште во Љубљана, „Р-Пост-Р“. Ова е во сопственост на „Нова Обзорја“, издавачот на „Демократија“, весник на партијата СДС.
За помалку од една година, унгарските претприемачи станаа официјални сопственици на повеќе од десет електронски, печатени и мрежни медиуми во Македонија. Питер Шатц започна со купување, а од 2018 година Агнес Адамик го водеше бизнисот. Унгарските пари за овие проекти постојано доаѓаа од Словенија – преку сметки во банка „Уникредит“ што ги отворија Шатц и Адамикова во Љубљана.
Триаголник Будимпешта – Љубљана – Скопје
Центарот на дознаките до Македонија беше Словенија. На 11 април во 2018 година, скоро два месеца пред парламентарните избори во Словенија, Адамик најпрво плати 400.000 евра од Унгарија на неговата компанија во Љубљана. Истиот ден, неговиот скопски „Адинамик Медиа“ доби нови 175.000 евра. Веднаш потоа, таа купи три медиуми во Македонија кои беа вклучени во обидите за соборување на тамошната влада, пишува „нецензурирано“. Адамикова ja заврши својата последна аквизиција на „ЛД Прес“ во Скопје на 9 мај во 2018 година. Два дена подоцна се одржа изборната конвенција на СДС во Целје кога таму во посета заминаа Орбан и новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Ова беше продолжение на серијата состаноци на Јанша со политички пријатели. Во февруари во 2018 година тој се сретна со Мицкоски во Љубљана.
„Оваа малку силувана промена на името во Македонија може да се покаже како премногу висока цена“, рече Јанша по состанокот. Во тоа време, операцијата во Македонија веќе течеше преку Словенија.
Извор: НОВА ТВ