Светските експерти внимателно ја следат новата варијанта на делта сојот на коронавирусот, кој е одговорен за зголемувањето на бројот на заразени во Велика Британија, а сега почна да се шири и во други земји.

Оваа варијанта, именувана како AY.4.2, неодамна беше препознаена од виролозите кои ги следат генетските промени во делта соевите, но таа веќе претставува речиси 10% од случаите во Британија. Освен на „Островот“, овој вид на вирусот се појавил и во САД, Канада, Австралија и некои делови од Западна Европа, пренесува News week.

Каде сè е регистриран вирусот

Досега во светот се регистрирани 14.970 случаи на овој сој, заклучно со 18 октомври, најголем дел од нив биле од Велика Британија – дури 14.247 потврдени случаи. Следуваат Романија, Полска, Ирска и Данска.

Некои земји, како што се Австралија, Јапонија и Израел, досега регистрирале еден случај на инфекција со овој вид.

Некои земји, како што се Австрија, Русија и Романија, не сакаа да откријат колку случаи на инфекции имаат досега.

Канадските власти во вторникот потврдија дека земјата регистрирала девет случаи на инфекција со оваа варијанта на коронавирусот од јули.

Со оглед на тоа дека оваа варијанта сè уште не е доволно истражена, сè уште не може со сигурност да се каже дали ќе биде смртоносна како оригиналниот делта сој.

Меѓу земјите кои бележат случаи на оваа варијанта е Русија, која во последните денови собори рекорди по број на заразени и починати. Властите на оваа земја не сакаа да откријат колку потврдени случаи имаат, но руските експерти предупредуваат дека доколку тие бројки се зголемат во наредните денови, Русија може да се соочи со нов пораст на заразени и починати.

Голем проблем во Русија е нискиот процент на вакцинирани, па дури и рускиот претседател Владимир Путин апелираше до граѓаните што побрзо да се вакцинираат, пишува Гео ТВ.

Вчера и Израел објави дека го регистрирале првиот случај на оваа инфекција. Варијантата делта плус е потврдена кај 11-годишно момче кое неодамна пристигнало од Молдавија. Вирусот е потврден на аеродромот по пристигнувањето во земјава и оттогаш е во изолација.

Израелските власти планираат да одржат итен состанок во врска со овој случај, бидејќи доколку вирусот повторно се прошири, тоа може да доведе до големо зголемување на бројот на заразени лица. Оваа земја на почетокот на септември имала повеќе од 10.000 заразени лица дневно, а сега тој број е драстично намален, па секојдневно имаат околу 900 новопотврдени случаи на инфекција, пренесува Тајмс оф Израел.

Неодамна во САД е потврден новиот сој. Директорката на Центарот за превенција и спречување на болести, д-р Рошел Валенски, во изјава за Њујорк пост вели дека оваа варијанта не е поврзана со ниту еден кластер што моментално постои во таа земја.

– Овој подтип на сој делта повремено го идентификувавме кај нас, но засега тоа не влијае на бројот на заразени во САД. Во овој момент немаме докази дека тоа влијае на ефективноста на вакцините кои ни се достапни, но ќе продолжиме да го следиме овој сој во наредниот период – рече докторката.

Ирска вчера објави дека досега регистрирале 45 случаи на инфекција со новата варијанта, и овие податоци сериозно ги загрижи властите во оваа земја. Во Ирска вчера се регистрирани повеќе од 2.000 новозаразени лица, што е најголема бројка во однос на јануари годинава, пишува Independent.ie.