Не е исклучено ДПА да оди сама на изборите, со оглед на условите што предвреме ги поставувал Мендух Тачи во разговорите за евентуална соработка со СДСМ.
Лидерите на главната владејачка партија СДСМ и на опозициската Беса, Зоран Заев и Билал Касами, според партиски извори, планираат средба во текот на оваа недела, во очекување да постигнат договор за заеднички настап на парламентарните избори.
Досега, според информациите, се воделе разговори на оваа тема на пониско ниво, така што сега е оставено Заев и Касами да ги договорат последните детали за првата мешана коалиција, во која би влегле партии од двата доминантни политички блока во земјава.
Доколку биде постигнат договор за коалицирање, не е исклучено на Касами да му биде препуштено да биде носител на листата на коалицијата во шестата изборна единица, со оглед на солидниот резултат што тој го постигна на локалните избори во 2017 година, како кандидат за градоначалник на Тетово.
Ова е нов обид за коалицирање меѓу СДСМ и Беса. Пролетта 2018 година, иако се најавуваше дека е речиси извесно дека тетовското крило на Беса ќе биде дел од владата на Заев, во последен момент партнери на СДСМ станаа само ДПА и тогашното скопско крило на Беса на Африм Гаши, сега Алтернатива. Потоа, лани летото, се случи средба на Касами со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во ресторан во центарот на Скопје, по што имаше шпекулации за соработка, па и за можна коалиција меѓу двете опозициски партии.
Гаши минатата седмица го потпиша договорот за коалицирање на претстојните избори со Зијадин Села од Алијансата за Албанците, додека главните партнери на СДСМ во Владата – интегративците се определени за самостоен изборен настап.
Според партиски извори, не е исклучено, на крајот, и ДПА да оди сама на изборите, со оглед на условите што предвреме ги поставувал Мендух Тачи во разговорите за евентуална соработка со СДСМ (единственото вицепремиерско место во идната влада да биде на ДПА и ДУИ да не биде партнер на „Илинденска“).
Во саботата Тачи изјави дека нема дијалог со СДСМ, ниту со ВМРО-ДПМНЕ, но и дека не очекува да има поради големите разлики меѓу партиите. Сепак, проценките на партиски извори се дека условите што ги испорачува Тачи повеќе се резултат на тивко ривалство со Беса, посебно во Тетовско, каде што ДПА сè уште има значително и стабилно гласачко тело.
Извор: 360 степени