ВМРО ДПМНЕ гази по тенок мраз кога станува збор за односите на Северна Македонија со Бугарија, па нивното повторување дека после блоката на источниот сосед владата е неопходно да поднесе оставка, е пукање во празно. После 30 години независна држава, конечно една владејачка гарнитура се одлучи да преземе похрабри потези и преку цивилизиран дијалог да ги надмине конфликтите со соседите, па така владата на Зоран Заев потпиша два историски договори, едниот со Грција и другиот со Бугарија. Со тоа, за прв пат во историјата на нашата држава и се отвори патот кон НАТО и ЕУ, а владата тоа максимално го искористи. Членството во НАТО беше извесно, но сепак некој мораше да го одработи, а преговорите со Европска Унија во оваа фаза воопшто не зависат од СДСМ, од владата или од политички поединци, тие зависат од далеку поинакви фактори и за тоа одлучуваат сосема други држави.

Зошто блокадата од Бугарија не може да биде причина за оставка и за предвремени парламентарни избори? Кога Франција не блокираше од процедурални причини, заради методологијата за проширување на Унијата, таа имаше поддршка од речиси сите земји членки, па Заев доживувајќи го тоа како личен пораз одлучи дека после неочекуваниот удар од Франција, треба да им се даде шанса на граѓаните на предвремени избори да одлучат дали остануваат на определбата за евроинтеграции. И тоа, тој го направи тоа во време кога беше очекувано дека рејтингот му се намалува, а не како што правеше Груевски кога ќе осетеше дека рејтингот му е највисок и знаеше однапред дека ќе победи на изборите. Дополнително што тој ги местел сите изборни циклуси и лажно се одржувал на власт.

Но, кога Бугарија го направи истото од само за нив познати причини, целата Унија застана зад Северна Македонија, на крајот дури и не можеа да се изгласаат заклучоците во Брисел затоа што Чешка и Словачка ставија вето со објаснување дека билатералните односи, особено толкувањето на историјата, не може да бидат причина за непроширување на ЕУ. Ова директно значи дека владата го положила тестот, дека Северна Македонија ги исполнила критериумите да започне преговори, но дека Бугарија неосновано го блокира процесот. Значи, ова не може никако да биде пораз на Заев и на СДСМ, туку е пораз на ЕУ, на Бугарија, и на крајот на нашата држава и нашите граѓаните. Ама ВМРО ДПМНЕ не сака оваа ситуација реално да ја престави пред јавноста и измислува дека блокадата на Бугарија е пораз на СДСМ и затоа морало избори.

Сега има најави дека преговорите со Унијата ќе ги започнеме годинава, дали во март, дали во јуни, но поважно е дека владата не смее да отстапува од европската определба, а оваа влада тоа и го прави. Поважно е Европа да ја донесеме дома, отколку само формално да сме членка на ЕУ, како што се многу држави, вклучително и Бугарија, кои трпат постојани критики од Брисел дека не ги исполнуваат реформите и критериумите за членки. Што значи, реформите во судството, образованието, здравството… нема да прекинат, напротив сведоци сме периодов дека тие се засилуваат. Затоа не смее предвремени избори по волја на ВМРО ДПМНЕ со цел да го попречат она што значи европска агенда. А во следните четири години мандат СДСМ може да започне преговори со ЕУ и да затвори некои поглавја, а дома да започе процес со примена и почитување на европските вредности, па граѓаните ќе имаат можност на крајот од мандатот да проценат дали вределе четирите години, односно дали доволно се сработило на патот кон Европската Унија, за да знаат кому да ја дадат довербата.

Од преговорите со Бугарија едно стана јасно кое му боде очи на Мицкоски дека за идентитетот и јазикот не се преговара, а тоа се неговите лажни аргументи со кои манипулира со јавноста кога зборува за некакво велепредавство, за продажба на националните интереси, за уништување на државата… Иако вистината е сосема поинаква, кога се инсистира на предвремени избори се користат овие лаги за да им се престави на граѓаните вмровската вистина за преговорите. Значи и на оваа тема ВМРО ДПМНЕ е губитник, по децениско владеење успеаја само да не искрааат со сите соседи, а договори и интеграции за нив беа мисловна именка.

Целата анализа на НОВА прочитајте ја на линкот ТУКА