Британија официјално ќе ја напушти Европската унија на 31 јануари по што ќе премине во период на транзиција што е предвиден да заврши на 31 декември 2020 година.

Во Британија деновиве главно прашање стана дали познатиот лондонски часовник Бинг Бен ќе го означи Брегзитот: Водителот на британската телевизија го запраша премиерот Борис Џонсон за ова: „Луѓето ја видоа приказната во весниците за брегзитско одѕвонување на Биг Бен, мислите ли дека треба да го има тоа на 31 јануари?“ Премиерот Борис Џонсон вели дека би сакал ама тоа било скапо: „Бенгови, да. Па, бенговите, неволјата со бенговите, бенговите чинат 500.000 фунти…“ Наместо тоа ќе има ласерски проектиран часовник на зградата на седиштето на британската влада во Дауниниг стрит број 10, а Џонсон ќе ја добие првата пригодна монета на која ќе пишува: „Мир, напредок и пријателство со сите земји“.

Што значи „Направете го Брегзитот“?

Во овој период Британија ефикасно ќе остане во царинската унија на ЕУ и во единствениот пазар – но ќе биде надвор од политичките институции и нема да има британски членови на Европскиот парламент.

Иден трговски договор

Првиот приоритет ќе биде преговарање за трговски договор со ЕУ. Британија сака колку што е можно поголем извоз на свои стоки и услуги во ЕУ.

Но, како до тоа кога владата јасно стави до знаење дека Британија мора да ги напушти царинската унија и единствениот пазар и да стави крај на целокупната надлежност на Европскиот суд на правдата.

Времето на Брегзитот

Времето е кратко. Додека Брисел се согласи околу формалниот мандат за преговори може да мине многу време.

Освен тоа сите преостанати 27 земји-членки и Европскиот парламент треба да го одобрат овој договор. Тоа значи дека официјалните разговори ќе може да започнат дури во март.

Предлог-законот за повлекување на британскиот премиер Борис Џонсон исклучува каква било форма на продолжување на периодот на транзиција.

Ако не се договори и ратификува договор за трговија до крајот на 2020, тогаш Британија се соочува со тарифи за извозот во ЕУ.

Г-дин Џонсон тврди дека Британија е целосно усогласена со правилата на ЕУ и оти затоа преговорите треба да бидат директни.

Но, критичарите посочуваат дека Британија сака да има слобода за да се оддалечи од правилата на ЕУ за да може да склучува зделки со други земји – а тоа ќе ги отежни преговорите.

Не е само трговскиот договор

Не е само трговски договор што треба да се реши. Британија мора да се согласи како ќе соработува со ЕУ во безбедноста. Лондон е решен да ја напушти шемата за европски налози за апсење и ќе мора да договори замена. Исто така, мора да се усогласат и голем број други области каде што е потребна соработка. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен вели дека договорот за повлекување на Брегзит треба да „нуди целосни гаранции“ на европските граѓани кои живеат во Британија и на британските граѓани кои живеат во ЕУ дозволувајќи им „да останат таму каде што живеат денес онолку колку што сакаат“: „Треба да избегнеме каква било дискриминација или дополнителна сложеност за време на процесот на аплицирање.“.

Зошто Британија заминува?

На 23 јуни 2016 година во Британија се одржа референдум за да реши дали да замине или да остане во Европската унија. Победи „заминувањето“ со 52% пред „останувањето“ со 48%. Одѕивот на референдумот беше многу висок, околу 72%. Односно, гласаа 30 милиони луѓе од кои 17,4 милиони се определија за „Брегзит“.

Малку историја – кога Британија влезе во ЕУ?

Британија и се приклучи на ЕУ во 1973 година. Тогаш таа беше позната како Европска економска заедница.

Конзервативниот премиер Едвард Хит ја внесе Британија во Европскиот економски простор во јануари 1973 година. Овој потег уследи откако францускиот претседател Де Гол од Франција двапати го блокираше членството на Британија во текот на 1960-тите. Де Гол се плашел дека британското членство ќе го ослабне францускиот глас во Европа и дека односите меѓу САД- Британија ќе го зајакне влијанието на Америка. Британија најде начин откако де Гол поднесе оставка во 1969 година. Во 1975 година се одржа референдум за тоа дали Велика Британија треба да остане во ЕЕЗ. Две третини од јавноста гласаше за да се остане во Европа.

Гоце Атанасов за Радио Слободна Европа