Во ВМРО-ДПМНЕ се чини се случува некакво раслојување како да се постават во кризата со коронавирусот. Нихилистичките ставови не одѕвонуваат кај луѓето кои седат дома и стравуваат за сопственото и здравјето на најблиските

Можеби за некого да изгледа претенциозно зошто еден важен дел од јавноста се занимава со она што го зборува и прави номенклатурата во ВМРО-ДПМНЕ во овие драматични времиња со заразата од Ковид-19. Но настаните, како и секаде во светот, не се поврзани само со борбата на здравствените власти за запирање на ширењето на инфекцијата и лечењето на заразените, туку и со функционирањето на целата држава, сите нејзини лостови, а во тие рамки и на партиите. Затоа што секоја борба против еден невидлив непријател како Ковид-19, сакале ние да признаеме или не, е дел и од политиката. Од успехот на властите во справувањето со епидемијата во голема мерка може да зависат и нивните изгледи на наредните избори.

Нема ништо нелогично опозицијата во една држава да ги стави под лупа постапките на властите (потрудете се само да прочитате, на пример, што мисли популистичкиот лидер во Италија, Матео Салвини, за мерките на владата; или што зборуваат демократите во САД за драматичното доцнење на администрацијата на Доналд Трамп во одговорот кон коронавирусот). Тие реакции, во основа, имаат задача да го подобрат одговорот на властите на ширењето на вирусот и да изградат еден зеднички бедем во ширењето на оваа „чума“.

Овде, изгледа запрепастувачки како во оваа политичка битка во здравствената драма ВМРО-ДПМНЕ не само што ја изгуби приказната, туку изгледа дека ги загуби и координатите. Без премногу објаснувања ќе ги наведеме настаните кои покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ го губи наративот, бидејќи мисли оти за партијата е незамисливо да не е дел од одговорот на државата на коронавирусот (иако има свој министер за внатрешни работи во техничката влада, кој овие денови покажува дека е добро вклопен во одговорот на владата во драматичната ситуација) и на секој начин се обидува да се одржи на површината на настаните, па макар тоа било и со своевидна самоизолација.

Советско ретуширање

Во средата лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, во јавувањето за ТВ 21, во еден советски обид за ретуширање на настаните го изјави ова:

„На секоја прес-конференција се оградувам од каква било критика кон оние што се најзаслужни во справувањето со оваа пандемија, вклучувајќи го и министерот за здравство. Не треба да се прејудицира нешто што не е точно. Ниту еден од нас не го критикувал министерот за здравство во овој момент. Но тоа не значи дека нема да го критикуваме доколку видиме дека однесувањето ги поминува границите на пристојно однесување“.

Во овој вител на настаните изгледа дека ваквото ретуширање е едноставно да се направи и никој да не го забележи. Но, за жал на Мицкоски, ова не е така. Само осум дена претходно, пратеничката во досегашниот состав на Собранието, член на Извршниот комитет на партијата и носител на кандидатската листа во Шестата изборна единица, Дафина Стојаноска, од прес-конференција во седиштето на партијата по откривањето на случајот со неодговорната директорка на Кожната клиника, го зборуваше ова:

„Доцната реакција на надлежните институции резултираше со голем број лица кои се во изолација. Меѓу нив се и лекари. Мерките со кои секојдневно се фалеше Филипче на прес-конференции се покажа дека се фарса и се спроведуваат половично.

Прво, нема соодветна контрола на граничните премини и на двата аеродрома за рано предупредување за заболени од коронавирусот. Ако имаше, тогаш немаше вирусот да се шири секојдневно и тоа од луѓе кои допатувале од кризните држави зафатени со епидемија на коронавирусот.

Второ, недозволиво е што директорката на Клиниката за дерматологија се однесувала неодговорно. По откривањето на постоењето на вирусот, според наши сознанија, направен е обид за премолчување на вистината и притисок да не се дознае во јавноста, што е навистина скандалозно.

Со несовесно однесување, по направени серија на пропусти Венко Филипче го загрозува здравјето на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе и кривична пријава до надлежното обвинителство за загрозување на здравјето на граѓаните. Потребна е одговорност и поднесување на оставка“.

Што покажува оваа дискрепанца во врвот на партијата? Дека има повеќе различни мислења во однос на справувањето со инфекцијата и дека ставот на Мицкоски е само негов личен, а не и на структурите на ВМРО-ДПМНЕ? Можеби. Или пак Мицкоски помислил дека со советско ретуширање ќе може да ја промени историјата, и тоа онаа од пред само една недела, за да остане осамен во преовладувачката импресија во јавноста дека Венко Филипче со неговиот смирен одговор на кризата и раководењето со целиот здравствен систем, во кој се вклучени сите лекари и медицински лица од целата држава, го прави тоа на многу задоволителен начин. ВМРО-ДПМНЕ досега не соопшти дали навистина ја поднесло кривичната пријава за Венко Филипче или се откажале од неа кога сфатиле дека таа како рикошет ќе се врати во белата палата.

Или пак, Мицкоски, сфати дека погрешно ја оценил перцепцијата во јавноста. Така беше и со лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски. Тој оттаму излезе со изјава дека на средбата се спротивставил на предлогот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, да се прогласи вонредна состојба, образложувајќи им на новинарите дека прво треба да се прогласи кризна состојба во траење од 30 дена на целата теритoрија на земјата а потоа да се размислува за вонредна состојба.

Не поминаа ни 20 часови, кога веќе се знаеше дека Пендаровски ќе прогласи вонредна состојба, тој се обиде повторно да ги ретушира своите ставови и лажно да ја „преземе“ иницијативата и меѓу другото го соопшти и ова:

„Поради итноста и алармантноста на состојбите на теренот, но и неопходноста да им се помогне на граѓаните, апелирам денес до претседателот Пендаровски да прогласи според Уставот вонредна состојба во Македонија час поскоро“.

Пофалбите на Силјановска-Давкова

Кој би се снашол во ова салто мортале. Вечерта, во интервју на Алфа, претседателскиот кандидат на партијата и носител на кандидатската листа во Првата изборна единица за изборите, Гордана Силјановска-Давкова, имаше еден грст пофални зборови за постапките на претседателот Пендаровски во одмерувањето на чекорите во оваа криза, оценувајќи дека тој имал „државничко однесување“. Овие пофалби на Силјановска-Давкова сигурно не се предизвикани затоа што таа беше дел од групата експерти што кај претседателот расправаа и за тоа каква состојба да се воведе и на каков начин да се одложат изборите.

Ова не е мала разлика за партијата која мисли дека Силјановска-Давкова е нејзиниот најсилен адут за победа во скопската изборна единица.

Во тоа салто мортале Мицкоски придодаде уште едно вртење изјавувајќи во интервју за Дојче веле: „Седум дена траеше ‘медениот месец’ на Филипче и останатите од власта. Тој меден месец заврши. Не можеме да аплаудираме. Мора реално да гледаме на состојбите во државата“. Вакво отсуство на емпатија кога работата на еден министер за здравство се споредува со „меден месец“ е незабележано не само во македонската политика туку и на континентот. Да се користи ваков израз во толку драматична ситуација е надвор од сите човечки норми на однесување.

Дека нешто се случува во ВМРО-ДПМНЕ (разногласие или неоординираност) покажа потпретседателот на партијата Александар Николоски кој на прес-конференцијата пред портите на партиската зграда исфрли една „отровна“ тирада против сите оние кои не се на линијата на нивниот став. Па, за да ја оправда оваа тирада, во пресметката ги вклучи и Обединетите нации. Уште и со едно ретуширање на географијата ја вклучи Македонија во регионот на Централна Европа (кој знае, можеби на тој начин сакаше да биде поблиску до Виктор Орбан).

Николоски грмеше како „една недела гледаме како си тераат сопствен пи-ар на грбот на граѓаните, а реалноста е дека ништо не функционира. Претседателот на државата самиот призна дека системот не може да издржи и дека системот ќе колабира. Не е негова работа да констатира состојби, туку да решава состојби… Тој од минатиот мај е претседател на државата а не аналитичар и е избран на највисоката позиција во државата за да решава проблеми.

Во таа насока вчера без грам чувство ја гледаме Шекеринска и Димитров како ловат политички поени… Да се приземјиме и да видиме каква е реалноста. Јасно е дека не ги бива и се неспособни. Тотални аматери ја водат државата и не можат да се справат со последиците и од економската и од здравствената криза“.

Јасно е дека огромен товар во справувањето со здравствената криза е паднат врз плеќите на Венко Филипче, за кого Мицкоски ден претходно изјави дека „ниту еден од нас не го критикувал министерот за здравство во овој момент“. Дали Николоски се врати на „моментот“ на Дафина Стојаноска од 10 март, а не сакаше да се врати на моментот кога со Мицкоски пред десет дена отидоа на аџилак во Будимпешта кај Орбан. Тој сега вели дека одлуката за затворањето на сите гранични премини требало да се донесе пред еден месец, кога сѐ уште на коронавирусот гледавме на болест во далечната Кина. А ако се затвореа границите ќе пропаднеше и аџилакот кај Орбан, некој ден пред да бидат објавени кандидатските листи на партијата.

Обединетите нации го демантираа Николоски дека се повикал на нивни податоци за да тврди оти нашата земја е ставена во групата држави кои немаат јасни ограничувања во однос на приемот на лица од други земји и дека мерките за превенција од коронавирусот на граничните премини не се доволно рестриктивни соопштувајќи: „Организацијата на Обединетите нации нема издадено никаква проценка на владини мерки поврзани со пандемијата предизвикана од новиот коронавирус Ковид- 19. Ги молиме сите политички партии во Северна Македонија да не го вклучуваат името на Обединетите нации во политичките дискусии“.

Николоски во брзата реакција напиша на Фејсбук дека во соопштението на „локалната канцеларија ООН во Скопје никаде не стои името на ВМРО ДПМНЕ ниту моето име“, замислувајќи дека светската организација ќе го споменува поединечно како да е моќникот во раздробената Либија, генерал Калифа Хафтар, од кого зависи регионалниот мир во Северна Африка. Со ова непримерно вклучување на ОН тој само застана во редот на оние во партијата кои удираат во ѕидот изграден од ЕУ, НАТО, САД и ОН. Изгледа необјасниво, но така е.

Навистина, нешто се случува во ВМРО-ДПМНЕ. Не дека тие зборуваат за нереални теми, туку она што го кажуваат е надвор од реалноста. Многу работи нема да бидат исти по оваа епидемија. Можеби властите предводени од СДСМ ќе потклекнат во справувањето со неа и со управувањето на државата со вонредни мерки и со тоа ќе ги намалат нивните изгледи на следните избори. Тоа ќе го видиме наредниов месец. Но изгледа дека во ВМРО-ДПМНЕ се случува некакво раслојување како да се постават во оваа криза – дали тоа да биде радикален став со општа негација или кооперативност во онаа мерка што би можеле да ја видат. Ако можат да ја видат. Во основа, ризикот за нивните шанси на изборите е поголем отколку кај власта затоа што безмислосните критики и барање само на нешто што може да биде негативно на подолг рок ќе ја еродира поддршката за партијата. Затоа што нихилистичките ставови не одѕвонуваат кај луѓето кои седат дома и стравуваат за сопственото и здравјето на своите најблиски. Нихилизмот не е плодно семе во времето на големиот страв.

Извор: DW