На 3 јануари 2020г или пред нешто повеќе од еден месец беше избрана техничката влада која има задача да ги подготви и спроведе предвремените парламентарни избори.
Во таа влада, ВМРО-ДПМНЕ предложи свои кадри во неколку министерства.
Но кадрите на Мицкоски, како да се натпреваруваат кој колку повеќе скандали може да направи.
Тука се министерот во МВР Чулев со неговите грешки, потоа дополнителниот заменик во земјоделие кој во каубојски стил се шеташе во подрачната во Берово и се закануваше на вработените, за да во сред Конче му биде одржана лекција од градоначалникот на таа општина. Покрај овие двајца, мора да се спомене и однесувањето на техничката министерка за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи.
Од каде да почнеме да ги набројуваме нејзините скандали? Се плашиме дека додека да ги наброиме, таа во меѓувреме можеби ќе направи нов скандал.
“Граѓански збор” ги анализираше сите нејзини грешки:
1. Иако во јавноста беше претставена во сосема друго светло, Мизрахи првиот работен ден на биро го постави знамето на ВМРО-ДПМНЕ.
2. Мизрахи уште на самиот старт од својата работа беше обвинета од СДСМ дека нејзиниот тим од советници е составен од веќе познати лица на јавноста од режимското владеење на ВМРО ДПМНЕ. Според нив, Марија Апостолова, шефицата на кабинетот на Мизрахи е поранешна советничка на Груевски, дел од 90те советници на осудениот криминалец во бегство. На Груевски очигледно не му е доволно што го контролира Мицкоски, туку целосно ја држи контролата и преку сите кои се дел од кадровската понуда на ВМРО-ДПМНЕ, реагираа тогаш од владејачката партија.
3. Министерката Мизрахи излезе со скандалозно тврдење дека во Комисијата за помош и нега од друго лице се блокирани над 8.500 предмети, но веднаш беше демантирана од заменичката Шкријељ која ја изрази својата загриженост од непознавањето на системот на социјална заштита на техничката министерка.
4. Сеуште е свежо сеќавањето за информацијата во медиумите дека Мизрахи за пари нудела изработка на магистерски и докторски трудови преку профил на глобалната мрежа за онлајн работа „Ап Ворк“. Нешто за што министерката ја убедуваше јавноста дека тоа бил лажен профил, иако упатените знаат дека невозможно е некој во туѓо име да направи и да користи профил на платформата Ап Ворк. При креирањето на профил на оваа мрежа потребни се целосни и сеопфатни податоци, поткрепени со официјални документи за стекнато образование, сертификати, документи за дополнителни вештини. Станува збор за сериозна платформа со софистициран начин на работа, при што се внесуваат лични документи, лични податоци и информации, како банкарски сметки, пејпал профил и слично кои никој друг не може да ги знае освен тој што го создава профилот.
5. Јавноста бурно реагираше на изјавата на Мизрахи дека како верник ќе се бори против развратот.
6. Министерката за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи, (без потпис на заменичката Санела Шкријељ) го ангажирала Тавиќ Марио како возач во Секторот за правни, општи, нормативни и заеднички работи.
Ова лице стана познато пред неколку години кога тогашниот дополнителен заменик министер Диме Спасов, управувајки со возило од агенцијата за вработување, предизвика сообраќајна несреќа и им бегаше на алфите.
Спасов, како тогашен министер, откако ги остави џипот и девојката во него и побегна на полицијата, во меѓувреме, на лице место се појави лицето Тавиќ Марио кој тврдеше дека тој го управувал возилото со кое беа удрени неколку други возила во скопско, Тафталиџе. Полицајците кои го виделе Спасов како бега, го предупредиле Тавиќ дека лажно давање на исказ е кривично дело, тој одговорил потврдно и повторно тврдел дека возел тој а не министерот Спасов.
Отпосле и од снимката што ја објавија медиумите се виде дека со возилото кое предизвика сообраќајка управувал лично Диме Спасов, но за да ја ублажат состојбата, се измислија приказни дека наводно министерот го бркале албанци од Серава.
7. Мизрахи противуставно во МТСП ја врати старата табла во која отсуствува Северна во името на државата. Откако увиде каква грешка направила, проба да се извади со тоа што не убедуваше дека таа била само една табла, немало нова со новото уставно име. Оваа нејзина теза беше демантирана со фотографија на која се гледа нова табла со новото уставно име.
На оваа нејзина грешка реагираше министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
“Техничката министерка за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи, која ја извршува оваа функција врз основа на нејзината заклетва дека ќе го почитува Уставот и законите на Република Северна Македонија, отстранувајќи ја официјалната табла на Министерството со уставното име на државата, флагрантно го прекрши токму Уставот и уставниот закон за спроведување на Уставот.
Што и е работа на министерката Мизрахи? Зошто е избрана? За да внимава да нема злоупотреби во нејзиниот ресор во контекст на организирање фер и демократски избори. Наместо тоа, таа со овој чин не само што го згази Уставот, туку го прекрши и Законот за ратификација на Преспанскиот договор, ги проблематизира односите со соседна Грција, создаде проблеми во реализацијата на двете децениски стратешки цели на татковината – членство во НАТО и во ЕУ.” – изјави Димитров.
“Мислам дека ќе биде премногу од министерката Мизрахи да очекуваме да го разбере историското значење на Преспанскиот договор за афирмација на македонскиот идентитет, за заокружување на државноста во ОН, за зачленувањето во НАТО и за започнувањето на пристапни преговори со ЕУ. Но, таа е должна да ја разбере сопствената заклетва потпишана во Собранието и сопствената функција – министер за труд и социјална политика во една техничка влада – и секако, да разбере што значи Устав на една држава.
Флагрантното кршење на Уставот повлекува политичка и правна одговорност. Доколку веднаш своето делување не го врати на линија и во рамките на Уставот, му сугерирам на претседателот на Владата, г-динот Оливер Спасовски, да предложи нејзино разрешување до Собранието. Укажувам дека во нејзиното делување има и елементи што можат да повлечат кривична одговорност по член 353 и член 390 од Кривичниот законик, но тоа е веќе работа во делокруг на други државни органи.” – појасни Димитров.
8.Последниот во низата скандали барем до овој момент, Мизрахи го направи со злоупотребата на државно возило за присуство на партиски состанок во Крушево. Рашела Мизрахи има право да користи државно возило како министерка за труд и социјална политика, но само за службени потреби, а не и за партиски активности.
После сите овие скандали, Мизрахи можеби треба да размислува на повлекување од министерската функција и Мицкоски да предложи ново лице на оваа позиција, пред распуштање на собранието.