Нема договор за датум за избори. СДСМ смета дека сите аргументи, и здравствени и правни одат во прилог на избори на 21 јуни. ВМРО-ДПМНЕ, пак, предлага избори на крајот на август или првата половина на септември. Без консензус, дилемата е како ќе одиграат социјалдемократите, се вели во анализата на 360 степени.

„Не можам денеска да донесам одлука. Јас можам да го кажам само тоа што е одговорност и чувство на разумност и одговорност пред граѓаните и пред државата. И тоа и го соопштив. Допрва ќе носиме ние одлука дали ќе одиме без опозицијата или не. Сакаме и еве двапати сме овде, денеска разговараме за извештаи на комисии, на ОДИХР, на ДИК за нешто што го знаеме и од минатиот вторник, но сакала опозицијата, ајде нема проблем уште една недела, падна нашиот термин 14 јуни, си купија една недела, ако, треба да преговараме. Денеска дојдовме пак извештаи се бараат, пак некој друг да каже, некој да гарантира дека ќе има 0 починати и 0 заразени, крајот на август или во септември, ако има таков верувајте ќе тераме тогаш кога е најдобро. Согласно сегашната состојба, вонредната состојба во државата завршува на 30ти мај, и единствениот правен и уставно регулиран акт коишто го потврди Уставниот суд е уредбата со законска сила за изборите, и тој датум 22 дена од завршувањето на вонредната состојба е 21 јуни“, рече претседателот на СДСМ Зоран Заев во одговор на новинарско прашање за тоа дали ќе се одлучат заодење на избори со бојкот на најголемата опозициска партија.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ инсистира дека сите одлуки поврзани со изборите се носеле со консезус и така треба да продолжи.

„И секој оној кој што сака да дивертира од таа одлука тогаш навистина јас не би сакал да го коментирам. За мене тоа е навистина незрело и ја втурнува државата во една сериозна политичка криза. И тоа не би сакал во овој момент да верувам дека ќе се случи и не би сакал да го коментирам. Сето останато што е надвор од тоа е едностран акт на насилие и доколку така некој цени дека треба, навистина ќе биде одговорен што ја втурнува државата во едно навистина лошо сценарио“, рече Мицкоски.

Консензус за датумот за избори е фразата што ја спомена и претседателот на ДУИ, Али Ахмети.

„За ситуацијата треба да бидеме во целосна комуникација со здравствените власти и да имаме консензус за датумот за изборите“, рече Ахмети.

Политички консензус наспроти правните рокови – за можниот развој на настаните по денешната неуспешна лидерска средба зборувавме со двајца политички аналитичари.

„Тешко дека ќе се оди со консезус, најверојатно ќе настапат овие правни незибежни механизми. Што се однесува до прашањето за бојкотирањето, треба да се знае дека партиите сега не решаваат за тоа, зашто тие веќе учествуваат, тие се на избирчако ливче. Заканите за бојкот не се сериозни, зашто и да не учествуваат некои од партиите, нивни кандидати веќе се на изборното ливче“, вели Петар Арсовски.

„Од една страна треба консензус за датумот за избори, со консезус се одложија и со консензус треба да се договорат. Од друга страна е што во утврдување на датумот двете страни ги декларираат своите партиски позиции“, вели Сашо Клековски.

Дали избори без учество на опозицијата е реално можно сценарио?

„Ние еднаш имавме таков случај, меѓутоа беа изборите во 1994 година, кога меѓу првиот и вториот круг, ВМРО-ДПМНЕ и ЛДП донесоа одлука да не учествуваат во вториот круг на избори заради масовни кршења на изборните правила. Тоа водеше во можеби најлошиот период за Македонија. И на крај заврши лошо по СДСМ. Се надевам дека сите ќе извлечат поука од тоа едно искуство.Мислам дека за Македонија ќе биде погубно да оди на избори кои нема да бидат фер и демократски со согласност на главните политички ривали. Веќе ова наддавање на изборите негативно влијае на севкупната состојба во земјата. Делумно после литијата во Струга и откако партиите почнаа да наддаваат за датум за избори, падната е дисциплината за мерките за заштита од Ковид-19“, вели Клековски.

„Секако ќе биде комплицирана таа ситуација ако опозицијата одлучи и покрај се да не учествува на изборите. На крајот јас не видов денес на лидерската средба што ме убедува дека изборите не треба да бидат што е можно побрзо. Владата има работа во која треба да се подготви за евентуалниот втор пик, во септември, октомври, ноември, кога и да дојде. Затоа треба да се подготви побрзо, која и да биде таа влада, за соочување со наредната фаза на епидемијата. Нема да биде пријатно доколку опозицијата не учествува на изборите, односно ги повика гласачите да не излегуваат на гласање, но тука ќе биде проценка и на Владата и на меѓународната заедница, од кои мотиви опозицијата би можела тоа да го прави. Ако инсистирате на консензус и дозволувате на една партија да ги диктира условите“, вели Арсовски.

Ако до 30 мај нема политички договор, шефот на државата не донесе одлука за нова вонредна состојба и владата не ја промени уредбата за изборите, ќе почнат да течат 22 дена во кои ќе треба да се завршат изборните дејства. Сепак, во оваа реченица има многу „ако“.