„Никогаш северна, само Македонија“, до неодамна се слушаше само од грлата на публиката на спортски, навивачки или политички собири. Но, деновиве паролата влезе и во партиската понуда.
Еден ден по распуштањето на Собранието, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, објави видеоспот снимен во партиското седиште. Со неколку соработници во заднина, зборува за партиските, економските, инфраструктурните и еколошките проекти. Видеото завршува со „Никогаш северна, секогаш Македонија“.
Серијата ја продолжи другиот потпретседател на партијата, Александар Николоски, со свој спот и со малку изменети пораки.
„Ни во најлошите соништа не претпоставувавте дека ќе дојде време во кое ќе биде грев да го споменете името Македонија. Да ставиме крај на поразите затоа што тоа и го должиме на Македонија, на Република Македонија“ вели Николоски во видеото.
Пред распуштањето на парламентот, такви пораки испраќаше и министерката за труд и социјална политика во техничката влада Рашела Мизрахи, за што и беше разрешена. Таа сега го мобилизира членството на партиски трибини и, неофицијално, се подготвува да биде на пратеничката листа на ВМРО-ДПМНЕ.
Деновиве на социјалните мрежи се појавија и овие фотографии од партиска трибина во Гостивар, на која учествувале неколку члена на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Договорот од Преспа ја потврдува забраната за употреба на ова знаме во официјални контексти воведена уште со Привремената спогодба.
Опозициската партија и досега се противеше на договорот од Преспа, но очекувањата беа дека како што ќе се приближуваат изборите така ќе се приспособува кон новата реалност. Ова на што сведочиме, според Марко Трошановски од Институтот за демократија, е само трка по гласови.
„Ист е случајот со Неа демократија во Грција, беа максимално критички кон Преспанскиот договор, застапувајќи дека истиот ќе го променат итн., за веднаш по доаѓање на власт Мицотакис да изјави дека е тешко истиот да се промени, но ќе направат сè истиот да биде имплементиран по најмала штета од страна Грција и мислам дека во таа насока е и стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ, да максимизираат што повеќе гласови на темата за името“ вели Трошановски.
Слично размислува и Насер Зибери, кој имаше долга политичка кариера како пратеник и министер. Но, како што додава тој, влогот во играта е голем.
„Очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ смета дека прашањето на името е атрактивна карта на која може да се придобие одредена структура на гласачи и тие свесно играат на таа карта во ова предизборно милје. Се разбира, тоа е тешка опција која може да ѝ наштети на државата и на меѓународен план, во поглед на евроинтеграциските процеси, во поглед на членството во НАТО. Но може да ѝ наштети на внатрешната стабилност на земјата. Бидејќи значителен дел од граѓаните стојат зад овој договор“ вели Зибери.
Политичкиот аналитичар Владимир Божиновски, пак, не препознава лов на гласови или опасност за евроатлантските интеграции во ригидната позиција на ВМРО-ДПМНЕ кон Преспа. Според него, граѓаните веќе имаат изградени ставови за ова прашање.
„Ако имате став кој е граден во изминатите две години, сигурно дека нема последните 20 дена пред изборите да поттикне некој граѓанин да го смени или поради тоа да гласа и да не гласа за некој, или воопшто оние што решиле да не гласаат, да се охрабрат и да излезат на гласање“ вели Божиновски.
Дали ВМРО-ДПМНЕ ќе остане доследна на својот став за Преспа ако победи на изборите, ќе се дознае брзо по објавувањето на резултатите на 12 април. И владејачките и опозициските партии на Албанците веќе ја поставија Преспа како услов за коалицирање, независно која партија ќе го добие мандатот.
„ДУИ ќе има црвени линии, сите тие што ќе претендираат да ретерираат од Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство со Бугарија и Законот за јазиците – ДУИ нема да прави коалиција со тие партии“ изјави Крешник Бектеши од ДУИ.
„Ја поддржуваме идејата победник со победник и верувам дека ќе бидат нашите програми и нашата идеологија, која е поблиску до едната партија, за соработка во иднина. Се надевам дека партиите што имаат проевропска и про НАТО визија ќе бидат победници на овие избори“ рече Арта Точи од Алијанса за Албанците.
„Јас мислам дека интересот на безбедноста, стабилноста, евроатлантскиот пат е многу посилен од начелото победник со победник“ изјави Фадил Зендели од Беса.
Божиновски не гледа ризик за ВМРО-ДПМНЕ во „црвените линии“ на партиите на Албанците и ги смета за заострена реторика пред избори, која може да се смени во зависност од изборниот резултат.
„Сега е премногу рано и мислам дека многу работи од страна, на сите политички субјекти, се употребуваат пред сè во обид да артикулираат одреден став. Но дефинитивно начинот на којшто ќе бидат воспоставени постизборните коалиции ќе го знаеме и зависи најмногу од изборниот резултат. Мислам дека ова е веќе видено во сите претходни изборни циклуси уште од 1991“ додава Божиновски.
Трошановски и Зибери, пак, оценуваат дека со ваквите ставови ВМРО-ДПМНЕ си ги намалува шансите за коалиција со која било партија на Албанците.
„Не е само Преспанскиот договор, тука е и Законот за употреба на јазиците, кон кој ВМРО има критички и ригиден став. Мислам дека ова во идните постизборни комбинаторики би им ја искомплицирало преговарачката позиција“ додава Трошановски.
„Нема политичка партија кај Албанците која може да го надмине овој Рубикон и да прифати коалиција со партија која евентуално сериозно ќе ги загрози Преспанскиот договор и евроинтеграциските процеси“ додава Зибери.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, барем јавно, засега избегнува да соопшти јасен став -кој пат ќе го одбере ако биде соочен со избор – името или власта, името или ЕУ.
Но, затоа, најави дека нема да коалицира со победничката туку со програмски најкомплементарната партија на Албанците.
„Ако во еден оркестар свирите на различни ноти, тогаш логично е дека оркестарот нема да биде допадлив за ушите на слушателите. Затоа велам, ако тие програми, без оглед на која политичка партија, се допрат со програмите на ВМРО и обратно, не треба тоа да биде еднонасочна улица, сите политички партии доаѓаат предвид, вклучително и ДУИ.“ изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
За програмите што сега се разминуваат, да се допрат – или партиите на Албанците треба да се откажат од Преспа или ВМРО-ДПМНЕ треба да ја прифати Преспа. Трето нема. Се разбира, претходно гласачите на 12 април треба да решат дали ќе ги стават во такво искушение.
Извор: 360 степени