Поранешниот премиер Владо Бучковски во дебата на „360 Степени“ даде предвидување за исходот од предвремените парламентарни избори кои ќе се одржат во среда.

„Имајќи ги предвид објавените анкети каде разликата е околу маргините на статистичката грешка, јасно е дека, имајќи го во предвид и донтовиот модел, спецификите на регионите за кои говориме, тоа е 6 регион, кадешто ДУИ досега доминираше, претендира покрај СДСМ и Алијансата на Албанците заедно со Алтернатива да биде победник“, вели Бучковски.
Анализирајќи ги можните исходи, Бучковски предвидува дека ДПА може да освои еден 1 пратеник, 8 пратеници би се поделиле меѓу ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на СДСМ и БЕСА, веројатно по принципот 5 спрема 3, а останатите 11 пратеници би ги поделиле ДУИ и коалицијата ААА, каде исто се предвидува тесна трка.

Тој се осврна и на 3-та изборна единица.

„И со таа поддршка што Силјановска ја имаше на претседателските избори од 15 илјади гласови повеќе во 3-та изборна единица, во мандати би било 11-9. Во 2016 имаше ВМРО-ДПМНЕ 20 илјади гласови повеќе па пак беа два мандати разлика. Така што, мислам дека заради она што јас го следам во 3-та изборна единица, активноста на носителот на листата од преземањето на функцијата генерален секретар на СДСМ, тоа е Љупчо Николовски, повеќе води кон тоа да СДСМ биде поблизок до 10-10, отколку да биде 12-8. Затоа што останува крајно неизвесно дали во 4-та изборна единица ќе има некој предност, останува забеторнирано од 2016 година – 10-10. Мислам дека таму шансите подеднакви. Одлучувачки ќе биде 1-та изборна единица, дали СДСМ ќе ја зголеми разликата која, да речеме, во онаа симулација која вие ја правевте минатата година беше 10-9 за СДСМ. Дали ќе успее во овој период кога половината од Скопје е по своите викендици во Охрид, Маврово, на другите места, дали ќе се вратат и ќе гласаат“, вели Бучковски.
Бучковски вели дека дел од оние коишто го поддржуваа СДСМ на изборите во 2016 година, кои беа дел од Шарената револуција и граѓанската коалиција, може да бидат одлучувачки каква ќе биде разликата во Скопје во полза на СДСМ.

„Испаѓа дека изборите ќе ги одлучат 2-та и 5-та изборна единица“, вели Бучковски.