Големо БЛАГОДАРАМ до носителите на изборните единици на ВМРО-ДПМНЕ и најтесниот круг околу нив:

• што не се ни трудат да сокријат дека учеле и добро научиле од најдобриот диктатор во поновата европска историја;
• што за само 5 дена кампања успеаја да ги потсетат граѓаните на цела деценија мрак и изолација;
• што до тој степен го потценуваат народот, па сакаат да нè убедат дека животот на планетата земја започнува од пред 3 години, за периодот претходно (ледено доба) имаат колективна амнезија.

Големо БЛАГОДАРАМ до Силјановска Давкова која многу директно, преку односот со новинарите, ни покажува како утре доколку дојде на власт ќе ја третира транспарентноста. За мене не прашувајте, за Груевски никако, за Мицкоски па ич – за нив не сум слушнала, ама прашајте ме за Заев за него знам сè! Тоа е тоа залагање за отвореност, искреност, еднаков третман кон граѓаните, така утре Силјановска Давкова ќе има слух и за граѓаните?! Така се тргнува на патот кон селективната правда, особено кога ваквиот ноншалантен и безобразен однос доаѓа од универзитетски професор по право.

Големо БЛАГОДАРАМ до Владо Мисајловски кој целата кампања ја темели исклучиво на тоа дека за сè што му се случува во приватниот живот е виновен СДСМ, притоа истрагата за инцидентот во неговиот деловен простор не е завршена, засега нема наоди, ниту докази, ниту судска пресуда…Голема благодарност до Мисајловски кој убаво нè потсети на времето кога еден човек беше сè во државата, кога судски пресуди се диктираа по телефон, кога судбините на цели семејства зависеа од тефтерчето на Гордана и “сваровски судството”.

Големо БЛАГОДАРАМ до Игор Јанушев кој би бил идеален за ресорот труд и социјала. Груевски би бил горд на таква умешност да се појавиш на пазар во скапа, брендирана облека која чини таман толку колку што може да заработи пазарџијата за цел месец. Му благодариме што нè потсети како ВМРО-ДПМНЕ ги третираше социјално загрозените, најранливите. Дополнително, Јанушев изјавува дека не гледа ништо спорно со спотот со свитканите ‘рбети, тоа биле обвинувањата на СДСМ?! Реакцијата на здруженијата на лица со хендикеп и лица со дегенеративни заболувања на ‘рбетот не ги ни спомнува, нивниот глас не го слуша бидејќи таа категорија не му е многу битна сега во кампања, исто како што нема да му биде ни утре!

Големо БЛАГОДАРАМ до Игор Дурловски што ни покажа што е храброст. Каква храброст треба да поседува човек да се бори за влез во парламент, истиот оној парламент во кој на “крвавиот четврток” дивееше и газеше по неговата величина? Настрана 27 април, тој би бил идеален за ресорот транспорт и врски. Човекот е носител на ИЕ 5, а не ги знае ниту големите општини и населени места, камоли да го прашаат за локален пат или патче. Азилантот сигурно би се гордеел со таков умешен кадар без елементарни познавања, ама погоден за манипулација.

За крај, му БЛАГОДАРИМЕ на Мицкоски, кој имаше образ да го спомене името на трагично починатиот новинар Никола Младенов. Му благодариме до бескрај што уште еднаш ни го покажа бескруплозното, бесрамното, безобѕирното лице на ВМРО-ДПМНЕ.

Обнова на режимот? Не, БЛАГОДАРАМ!