Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за порталот Прес24 изнесе тврдење кое не го поткрепи со докази, дополнителни аргументи или, пак, извори:
За 3 години дури 200 илјади лица ги напуштиле родните огништа и ја побарале среќата некаде надвор. Цели градови дополнително се празнат кога ќе треба да се оствари некоја сеознска работа во европските држави. А, луѓето заминуваат затоа што се несреќни и немаат пари. Но, пред сè, затоа што не гледаа иднина.
[Извор: ВМРО-ДПМНЕ/вебстрана/Интервју Мицкоски за Прес 24 – датум: 01.02.2020]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во интервју за „Прес 24“, објавено на 01.02.2020 година, изнесе тврдење за иселувањето од земјата, во кое без поткрепен извор и наведени докази вели дека за три години се иселиле „200 илјади луѓе, кои ја побарале среќата некаде надвор“.
Може да се каже дека ваквото тврдење е зачудувачко и дури и невистинито, имајќи предвид други анализи и бројки, но Вистинимер ќе го оцени како недоследно, поаѓајќи од тоа дека трендовите зборуваат за многу помали бројки, а, пред сè, од фактот што не е наведен извор за проверка на тврдењето.
Имено, при крајот на ноември минатата година Вистиномер објави документ од кој се гледаат бројките во последните неколку години, до 2016 година. Станува збор за студија-истражување на тема „Цената на миграцијата на младите“, изработена од Вестминстер фондацијата за демократија. Во ова истражување, базирано на домашни извори, на ОЕЦД и на податоци од ООН, се гледа дека во просек годишно од Македонија заминувале по околу 9.400 луѓе во периодот од 2012 до 2016 година. Станува збор за нето иселување, зашто таа бројка за просекот на годишно ниво е добиена од оние што ја напуштиле земјата и од оние што се вратиле на крајот на истата година, значи и од оние лица кои или биле на сезонска работа или пак аплицирале, но не добиле дозвола за престој подолго од три месеци во некоја од земјите во ЕУ или некаде на друго место во светот.
Да се тврди дека во 2017, 2018 и 2019 година земјата ја напуштиле 200 илјади луѓе, а притоа да не се наведе никаков извор е, благо речено, неодговорно. Тоа значи дека трендовите толку се смениле, што од 9 илјади нето миграција годишно, сега таа достигнала близу 70 илјади лица!?.
Оваа бројка е контрадикторна и проблематична дури и во самата партија на Мицкоски. Имено, само неколку дена пред интервјуто на Мицкоски, пратеникот и висок функционер на партијата, Антонио Милошоски тврдеше, исто така, дека бројките за иселувањето се страшни. И Милошоски, не прецизирајќи кој извор или статистика користи (барем не е наведено во медиумот што го цитираме како извор), тој зборува за бројка од 24 илјади иселени за 2019 година. Но, исто така, не е прецизирано, дали е тоа севкупно иселување или иселување без повратници, т.е. не знаеме дали станува збор за нето бројка за 2019 година.
Па, дури и да е нето иселување, тоа значи дека во 2017 и 2018 година вкупните бројки би требало да бидат над 170 илјади иселени лица за да се стигне до бројката од 200 илјади иселени лица за 3 години за која говори Мицкоски.
Бидејќи за ниедно од овие тврдења нема наведено поткрепа или доказ, иако најверојатно се невстинити, Вистинимер ќе ги оцени како недоследни.
ИЗВОР:
- Прес 24 – Милошоски: Статистичките податоци во однос на …[Проверено на 03.02.2020]
- WDF – „Цената на миграцијата на младите“ – [Проверено на 03.02.2020]
Оцени: Тео Блажевски
Извор: Вистиномер
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар
Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.