Од самото основање до сега, ВМРО-ДПМНЕ никогаш не била толку слаба, толку дезорганизирана, без стратегија на делување, без сериозни проекти, идеи, без нови лица.

После Груевски, на чело на таа партија дојде Христијан Мицкоски. Тоа е човекот кој како носител на советничката листа за град Скопје, изгуби катастрофално во 2017г.

После локалните избори, следуваа претседателските, референдумот, предвремените парламентарни а Мицкоски губеше на сите по ред. После толку многу порази, почна и да бега од избори, како во случајот со Штип. Во општината која долги години и децении важи за вмровска, Мицкоски и партијата не учествуваа на тие избори.

Христијан Мицкоски, не успеа да привлече од неопределените гласачи, напротив секојдневно членството на ВМРО-ДПМНЕ се раситнува во други помали партии или се трга на страна, чекајки некои подобри денови во десничарската партија.

Денешното гласање за доверба на владата покажа дека Мицкоски и Александар Николовски, со месеци ја замајувале јавноста дека наводно имале обезбедено мнозинство. Тие денеска, не само што не гласаа против, туку избегаа од собраниската сала, за да не им го гледа народот срамот од лагите кои постојано ги пласираа на оваа тема месеци наназад.

Јавноста, сака опозиција која нема да ја темели политичката борба со постојано изнесување на невистини, и врз база на нив да се обидува да добие некој ефтин политички поен.

Погледнете, изминатиов период со што се занимаваат високите функционери од ВМРО-ДПМНЕ. Почнувајки од Александар Николовски, отпишаниот Игор Јанушев, згужваниот Димче Арсовски, потоа оној лик Наум Стоилковски….секое нивно појавување на прес конференција значи губење на довербата на граѓаните во ВМРО-ДПМНЕ. Тие ликови во јавноста се веќе прочитани како некои кои наместо да нудат решенија, конструираат невистини, мислејки дека така народот ќе им поверува на изнесените лаги.

На овој народ не му треба да гледа колку едниот го мрази другиот, туку најдоброто од едните и најдоброто од другите да седнат и да направат нешто добро за државата, но се додека на чело на опозицијата се овие кадри, кои не знаат да прават ништо друго освен да ги опструираат сите процеси и да ја замајуваат јавноста со лажни обвинувања, тоа ќе биде тешко остварливо. Единствена надеж е таму да дојде до голем ремонт и на виделина да излезат позитивни ликови со широки гледишта.