Неколку прашања се наметнуваат по вчерашната изјава на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски по повод неуспешниот обид да се постигне договор околу датумот за одржување избори и по втората лидерска средба кај претседателот Пендаровски:

  1. Каква потреба почувствува Мицкоски да и се извинува на јавноста заради тоа што морала да биде сведок на вакви лидерски средби? Па, нели лидерските средби беа организирани на негово барање, а такви се какви што се заради неговата политичка и преговарачка неспособност? Или пак можеби станува свесен за својата несвесност, па започнува да го мачи грижа на совест заради неизвесната иднина што и ја сервира на нацијата под закрилата на “грижата за здравјето на граѓаните”?
  2. Мицкоски бил шокиран од фактот дека на лидерската средба се зборувало за избори, а не за здравјето на граѓаните? Очигледно Мицкоски не ја разбрал целта на лидерските средби кои сам ги бараше. Има кој да прави стручни проценки и да се грижи за здравјето на граѓаните, а тоа се здравствените експерти, а тој со своето однесување единствено влијае на политичкото здравје во државата кое се влошува од ден на ден заради неговата безидејност и немање став.
  3. Каква функција имаат проценките на експертските мисии, набљудувачките мисии и сите здравствени комисии на светот кога Христијан Мицкоски како експерт над сите експерти си дозволува да оспорува проценки на ОБСЕ и ОДХР, Комисијата за заразни болести? Дали Мицкоски располага со проверени информации и сигурни факти и аргументи кои гарантираат оптимални услови за избори во септември, па со својот став на инаетење ја поништува секоја можност за консензус?
  4. Како тоа Мицкоски не сакал овој процес на договарање да се претвори во зелен пазар, а секојдневно купува време и продава фрази кои ги слушнавме илјадници пати? Колку неупешни лидерски средби се потребни според алгоритамот на Мицкоски, за тој да се почувствува подготвен за избори?
  5. Што сака да каже Мицкоски со изјавата дека по завршувањето на вонредната состојба продолжуваат изборните процеси, ама не и изборните активности или и ова е уште една во низата несреќни изјави кои ги дава секогаш кога нема одговор на поставеното прашање, а се чини дека во последно време тоа му премина во пракса. Таков беше и случајот со вчерашното новинарско прашање дали знае уште некоја земја во Европа која е во позиција како нашата и функционира без парламент, на што одговори Словачка. Одговорот очигледно го измисли во моментот со оглед на тоа дека Словачка има функционален парламент.