Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој денеска го објави јавниот повик за мерката 113 „Поддршка за поттикнување на земјоделското производство“. До трети март, сите земјоделци до 40 години ќе можат да поднесуваат барања за средства за поттикнување на земјоделското производство.
Оваа година, како што соопшти Владата, финансиската поддршка е зголемена од 10.000 на 20.000 евра.
Условот за користење на финансиската поддршката е апликантите да бидат запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства, носителот на земјоделското стопанство да нема повеќе од 40 години на денот на поднесување на барањето за поддршка и земјоделското стопанство да не користело помош од мерката 112 – „Млади земјоделци“.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски денеска во село Лешани, општина Дебарца, посетија еден од корисниците на оваа мерка од претходниот јавен повик. Оттаму ги повикаа земјоделците до 40 години да аплицираат за поддршка.
-Оваа Влада од почетокот на мандатот си постави за цел, да создаде поволни услови за младите да останат во своите родни краишта и таму да работат. Затоа дел од мерките што ги преземаме во земјоделството, се во насока на поголема вклученост на младите во овој сектор. Оваа неповратна финансиска поддршка, младите луѓе ќе можат да ја искористат за зголемување на одржливоста на земјоделската дејност на нивните семејни земјоделски стопанства, изјави министерот Димковски.
Според директорот Бабовски, вработените во Агенцијата стојат на располагање за сите потребни информации за поднесувањето на барањата.
-Барателите на оваа поддршка треба да креираат електронско барање со податоци за локацијата на инвестицијата и електронски да ги прикачат понудата, деловниот план за предлог инвестицијата и истите на крај да ги испратат по пошта или да ги донесат лично во Агенцијата. Барањата и целата документација може да се најдат на веб страната на Агенцијата. Еден барател може да поднесе само едно барање за една мерка или најмногу две барања по различни мерки земајќи ги во предвид и останатите мерки од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој 2020, објасни Бабовски.
Финансиската поддршка до 20.000 евра е наменета за млади, невработени лица кои сакаат да инвестираат во изградба, доградба и опремување на објекти за преработка од сите земјоделски гранки.