Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој беше во посета на Приштина, истакна дека Северна Македонија треба да биде полноправен кандидат и веднаш да стане членка на Европската унија.

Вчера Ескобар рече дека Северна Македонија е многу солиден партнер на Соединетите Американски Држави, и билатерално и мултилатерално во НАТО и ОБСЕ, а Вашингтон очекува и по изборите земјата да добие влада посветена на членството во Алијансата и интеграцијата во ЕУ, се вели во соопштението од Амбасадата на САД во Скопје.

– Претходната влада беше посветена на членството во НАТО и влезот во ЕУ, а нашите очекувања се дека владата што ќе дојде по изборите ќе биде слично посветена на членството во НАТО, влезот во ЕУ и борбата против корупцијата – рече Ескобар.

Тој изрази надеж дека по изборите ќе има можност да ја посети земјава, бидејќи, како што нагласи при неговиот сегашен престој во регионот, ќе биде посветен на актуелните теми како што се оние поврзани со Косово и случувањата во Црна Гора.