Време е и можеме да имаме политика во која владата и опозицијата работат заедно за консензуалното добро, во која опозициските предлози што вредат се прифаќаат без збор, во која има вистинско обединување на националните интереси од сите сериозни партии! Не е време за поделби. Знам, гледам и чувствувам дека државата е поделена и тоа мора да запре веднаш! Време е за промени. Време е за обединување. Време е за цврстина, мудрост и сила пред предизвиците кои доаѓаат.

На последните избори настапивме со најшироката и најсеопфатна коалиција која некогаш се појавила пред граѓаните. И го дадовме името „Можеме“. На истите тие избори, се покажаа и некои работи кои очигледно МОЖЕЛЕ да бидат поинакви од она што било реалност во изминатите циклуси. Ова мое обраќање е токму за нив.

На пример, се покажа дека можело да има вистински фер и демократски избори каде луѓето гласаат без страв, без тензии, без тепачки. Чисти и без никаква забелешка, скандинавски! Со балансирано известување од медиумите, кои дури за нијанса повеќе инклинираа спрема опозицијата, нешто што го нотираа извештаите по изборите. Се надевам дека на ваквата организација нема само да се гордееме туку и од неа ќе научиме и ќе ја земеме за пример на сите понатамошни избори без никогаш да си дозволиме да се вратат на сцена недемократските практики кои беа толку многу „нормални“ во минатото. Благодарам на сите одбори, сите набљудувачи, сите кои помогнаа во тоа да се спроведат вакви избори за пример.

Благодарам и на сите гласачи. Државата направи се во своја моќ максимално да се погрижи да нема никакви здравствени пречки за крајно безбеден процес и им благодарам на граѓаните затоа што го препознаа истото. Воедно, ги разбирам и загрижените кои одлучија да останат дома и да не гласаат иако тоа секогаш носи одреден ризик. Јасно им порачувам и на тие граѓани дека заедно со економијата, правдата ќе биде нашата главна агенда во мандатот што претстои и се надевам дека на следните избори ќе одлучат директно да учествуваат во изборниот процес со својот ценет глас.

Покажавме дека може и поинаку

Се покажа дека можело и со поинаква тактика и кампања, не само со национализам, омраза и оцрнување на противникот каква што имаа нашите противници. За ова не знае цела држава, но луѓето од Истокот и тоа како беа шокирани кога во очај замислете, ВМРО-ДПМНЕ емитуваа спотови во кои ширеа грозни лаги дека сум имал не знам колку куќи и станови во Скопје и внимавајте, фабрика за пелети во Крива Паланка! Наспроти тоа, од првиот ден со мојот тим водев позитивна кампања. Од првиот ден праќавме пораки на обединување. Од првиот ден со конкретни планови од човек на човек кажувавме што планираме да направиме во следниот мандат, но и слушавме што ни советуваат и какви идеи ни даваат. Токму обичните луѓе се тие кои ги даваат најдобрите идеи, не се ниту политичарите ниту не знам каквите „експерти“. Но, треба да си еден од нив за тоа да го разбереш, обичен човек.

Значи можело и со нормалност, приземност, култура, почит и воспитаност да се добиваат гласови и тоа не каде било, туку во бастионот на нашите противници, онаму каде очекуваа да сме најслаби. Вистина е дека во тројката се направи разликата, вистина е дека можеби некои пропусти кои и нашата коалиција ги имаше на некои места ги компензиравме со за некого неочекувано добриот резултат во тие општини и вистина дека успехот на СДСМ и коалицијата „Можеме“ во тројката е историски. Најдобриот резултат после 18 години! Со сите напади, со сите црни кампањи, со сите агресивни политики, ВМРО-ДПМНЕ повторно не ја доби поддршката онаму каде што прогнозираа убедлива победа со 5, 6 или 7 пратеници разлика!

Велат се случило „чудо во тројката“, но чудо е можеби за оние кои не го гледаа она што јас и мојот тим го правевме, деноноќно работејќи, јасно правејќи ја разликата меѓу нашиот тим и останатите. Исто онака како што работев и во времето кога бев министер за земјоделство и во 12-те месеци во кои дадов се од себе секој ден на позицијата генерален секретар на партијата. Реалноста е дека за секој што малку загребува под површината на пропагандата, разликата е евидентна! Лично можам да кажам дека влегов во политиката да покажам дека може и поинаку од тоа „вообичаено“ на кое со децении не’ навикнаа! Како дете на работничко семејство и ничиј татин син, со учење, посветеност и труд чекајќи ја секоја мала шанса што ми се укажала и вадејќи максимум од неа, дојдов до ваква чест и привилегија – да бидам носител во ИЕ3, да бидам генерален секретар на СДСМ и да бидам прв човек на централниот изборен штаб, три големи и одговорни функции на едни избори. Изборите во кои со мојот тим го направивме тоа „чудо“ за кое говорат.

Да се стабилизира партијата по претседателските избори беше предизвик. Трендовите не беа воопшто поволни, но со многу работа успеавме да ги коригираме за исклучително кратко време. Во неколку месеци имавме избори на ново централно раководство, нови претседатели на општински организации, избори на ниво на месни организации… Во турбо погон ја ставивме реализацијата на проектите, министрите и функционерите добија стриктни задачи да се стават во служба на граѓаните, во пеколното 2019-то лето работевме деноноќно со маалските, малите и урбаните средини и функциониравме како еден тим уште од ноември кога бев избран за шеф на централниот изборен штаб кога почнавме длабински да се подготвуваме за нова модерна и европска кампања. Јас искрено се надевам дека и пошироката јавност сведочеше на промената која ја донесовме.

Чест ми е што сум дел од поинаква генерација на луѓе кои сакаат да го променат грдото лице на македонската политика. Се надевам дека во тоа ќе добијам поддршка не само од сопартијците, туку и од колегите од другите партии. Сакам да можат во сите партии да просперираат таквите трпеливи, работливи, воспитани и пред сè чесни луѓе кои работат за плата и ѝ посакуваат добро на државата. Само така ќе одиме напред, само така ќе извлечеме максимум од евроатлантската перспектива која е пред нас. Шансата е за сите граѓаните, сите партии, сите ние!

Три клучни точки на евроатлантската перспектива

За таа перспектива најважни ќе се три клучни точки. Мораме да зајакнеме економски и да се обидеме што повеќе подготвени да го дочекаме евентуалниот удар од можно влошување на светската економија поради можен повторен удар од Ковид-19. Поврзано со тоа е и втората точка, а тоа е самиот здравствен и безбедносен одговор на опасноста од коронавирусот во иднина, но и сега. Мораме да одговориме жестоко и одлучно, мораме да се заштитиме! А третата точка, исклучително важна, е конечно силно и обединето да ги направиме судските реформи и чистењето на извалканиот правосуден систем.

Знам дека сите сакаат да знаат со кого ќе го правиме тоа? Партнери во оваа мисија ќе ни бидат оние кои ќе ги почитуваат принципите кои ги опишувам во целиот овој текст. Победникот на овие избори е СДСМ и коалицијата „Можеме“ со претседателот Зоран Заев како мандатар. Како победници, секако дека ние ќе одлучиме кој ќе влезе во Владата и за тоа има повеќе исклучително реални исходи. Изборот ќе биде оној кој ќе нè одведе најбрзо и најефикасно до целите кои ги опишав во претходниот параграф – прогрес во преговорите со ЕУ, реформирано судство, зајакната економија, добрососедство и мир, деполитизација на општеството и цврст одговор на предизвиците од Ковид-19.

Време е и можеме да имаме политика во која владата и опозицијата работат заедно за консензуалното добро, во која опозициските предлози што вредат се прифаќаат без збор, во која има вистинско обединување на националните интереси од сите сериозни партии!Не е време за поделби. Знам, гледам и чувствувам дека државата е поделена и тоа мора да запре веднаш! Време е за промени. Време е за обединување. Време е за цврстина, мудрост и сила пред предизвиците кои доаѓаат.

Одлучивме да одиме напред, запрашајте се само со која брзина сакате?

 

Колумна на Љупчо Николовски за “Капитал