Март ќе биде месец кога работниците ќе добиваат повисока минимална плата, а пензионерите повисоки пензии, најавуваат владини претставници.

Вчера, министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска најави дека во март ќе следи ново зголемување на минималната плата и таа ќе изнесува 20.200 денари.

Тоа е зголемување од 2.200 денари или речиси 13 отсто повеќе од моменталната минимална плата која изнесува 18.000 денари.

Раст се најавува и кај пензиите. Солгасно новата методологија, усогласувањето на пензиите се врши секој март и септември во година за процент кој е збир од 50 отсто од растот на платите и 50 отсто растот на трошоците за живот.

Согласно проценките, растот на сите пензии во март треба да инесува некаде околу 7 отсто, односно просечната пензија која сега изнесува 17.422 денари, ќе се зголеми за над 1.200 денари и ќе изнесува 18.641 денари, односно над 300 евра.

И покрај растот на платите и пензиите, сепак во годината пред нас се уште се силни предизвиците од инфлацијата и растот на трошоците за живот, па останува да се види дали најавените зголемувања ќе се доволни граѓаните кончено да излезат од кризата која цела година немилосрдно удира по животниот стандард.