Историски ден, изградбата на браната Конско целосно е завршена, инвестиција вредна 40 милиони евра која обезбедува наводнување за нови околу 6.500 хектари земјоделски површини.

– Ништо не не спречи, ни економска ни ковид криза. Браната Конско подразбира нова вештачка акумулација и нов систем за наводнување со кој се опфатени минимум 6.500 хектари земјоделски површини, со што наводнуваните земјоделски површини од овој регион ќе ги зголемиме за пет патипосочи министерот Николовски.
-Честитки до сите, изградивме капитален проект. Браната Конско ќе биде запишана во историските документи, и ќе биде сведок на едно време во кое приоритетите биле државнички, за доброто на граѓаните, и за иднината на сите нови генерации кои ќе ги живеат благодетите на она што ние градиме денес, потенцита министерот.
Важноста на овој проект се потврди со присуството на високи сегашни и поранешни функционери кои сите заедно го истакнаа задоволството од успешноста на реализацијата на изградбата на најголемиот водостопански објект изграден во државава последниве 20 години.
Претседателот на државата, Стево Пендаровски ја поздрави изградбата на браната „Конско“ како дел од Хидромелиоративниот систем Гевгелиско поле, и како што кажа, една од најсериозните инвестиции во македонското земјоделие, но, и на енергетски план, имајќи предвид дека транспортирањето на водата за наводнување може да се користи и за производство на електрична енергија.
– Со оваа капитална инвестиција граѓаните на Гевгелија ќе имаат редовно снабдување со квалитетна, чиста и здрава вода за пиење, а плодниот македонски југ, гевгелиското поле, ќе има можност за пристап до дополнителни сериозни количини на вода за наводнување што е предуслов за подобар принос на земјоделските култури.” – рече Пендаровски.
Тој истакна дека верува со најголемата инвестиција во последните децении во гевгелискиот крај повторно се враќа фокусот кон земјоделието и развојот на нашиот јужен регион.
– Очекувам дека вакви и слични проекти ќе следат и во останатите делови од земјата каде што недостасуваат акумулации како поддршка на земјоделското производство, додаде Пендаровски.
– Оваа капитална инвестиција започна и се изгради во време на Владата предводена од СДСМ. Браната ќе обезбеди континуирана достапност до вода и наводнување на нови 4.000 хектари нето земјоделски површини, а со тоа и зголемено, квалитетно и конкурентно земјоделско производство. Исто така, енергетскиот и туристичкиот потенцијал со браната Конско се огромни, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Ковачевски посочи дека СДСМ вложува во капитални проекти со трајна вредност, проекти што имаат развоен потенцијал за државата и носат придобивки за сите граѓани, за целата држава и за економијата.
“Со огромно задоволство присуствував на церемонијата по повод завршувањето на изградбата на браната на Хидросистемот Конско. Граѓаните и земјоделците во три општини во југоисточниот дел на земјата, во Гевгелија, Богданци и Дојран, со изградбата на ХС Конско почната во 2018 година, добиваат капитален инфраструктурен проект за снабдување со вода и за полевање на 13.500 хектари земјоделско земјиште.
Изградбата на овој хидросистем претставува крупен инфраструктурен зафат и инвестиција со мултифункционална улога и втор по големина после изградбата на хидросистемот и ХЕЦ Козјак во скопскиот регион изграден во 2004 година.
Со инвестициите во капитални инфраструктирни проекти, владите предводени од СДСМ, и тогаш и денеска, ја потврдуваат посветеноста кон зафати од исклучителен интерес за граѓаните како што се хидросистемите кои обезбездуваат чиста вода за пиење, мрежа за наводнување на земјоделски површини за равој на европско конкурентно земјоделство, зголемување на производите за храна и за регионален економски развој.
Освен за наводнување, акумулацијата Конско ќе се користи и за производство на електрична енергија, а дополнително ова вештачко езеро ќе претставува нова содржина во локалната туристичка понуда на трите општини како место за туристички посети, риболов, рекреација и спорт.” – напиша на Фејсбук, Зоран Заев.