„Тате на мама. Мама на тате. Детето без капа“. Да, токму така. Техничка влада направија. Наместо да ги подготват изборите се караат. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ преку глава му дојдоа на народот. Без срам и „перде“, се караат. Ич гајле не им е што народот без работа и без леб го оставија. На никого не му е гајле што Македонија се испразни. Народот од „арнина“ и на едните,другите и третите, со само една „бовча“ си го собра целиот живот и си замина. Сите, од техничката влада, се од паметни најпаметни. Сите мудруваат. Си го товараат „товарчето“. Фатија фотељи. За кратко. За неколку месеци. Но, „пуста“ фотеља е „слатка“. Не се испушта.И пари и влас дава. Глумат дека едните со другите се караат. Глумат. „Половина тебе, половина мене!“. А се вреѓаат. На „нишан“ се гледаат. Едните знаеле , а другите не знаеле да работат. Едните биле за народот и за Македонија, а другите не биле. Едните „умирале“ за Македонија, а другите ја продале. Ја посрамотиле. Ги излагале предедовците, дедовците, татковците. ВМРО-ДПМНЕ плука на СДСМ. СДСМ не им останува полусо. Вмровците велат: „ Сега му е мајката. Добивме предвремени избори. Полицијата е во наши раце. „Наша“е. Наши луѓе се на „чело“. Изборите ни се во џеб. Мора да победиме. Пак ќе се вратиме. Мора од „црно поцрно“ да се кажува за комуњарите. Мора да се кажува дека си ја „испеаа“ песната.Мора да ги „згазиме“ за никогаш повеќе да не „пркнат“. Ќе си го вратиме нашето. Име ќе си го вратиме. Неможе на некој како ќе му текне. Нема промена. Нема Преспански договор,. Нема НАТО и ЕУ. По наше ќе биде Република Македонија, а Македонецот ќе игра како ние што ќе му свириме. Мора постојано во главата да му „всадуваме“ дека комуњарите се неспособни. Ајдуци се. Лажговци. Оние што нема да „пеат“, по наше, или во апс или „џенем“ нека фаќаат. Ова ни е последна „шанса“ да си ја вратиме власта. Не единаесет туку сто години „газди“ да си бидеме. Корен од од нив да не остане. Грујо пак ќе си го вратиме. Мицко до него. Ѓорчев, Милошевски, Димовски веднаш до нив. Истата „тајфа“ мора да ја докрајчи Македонија. Тие што не беа со нас си отидоа. За нашите ќе има и работа и леб. Троскотот комуњарски мора да се затре. Затоа „сега му е мајката“. Секој миг да се „труби“. „Рекет“, Заев предавник!“. Така велат. Од лаги на устиата на гласноговорниците на ВМРО, пена им излегува. Искри им летаат.Секоја вечер. Телевизиите, весниците морало пак да бидат нивни.

СДСМ се „преапа“. Со давање согласност за предвремени избори, сам си стави трн во ногата. Мислеа дека ,со сето она што, за помалку од три години го направија, многу повеќе, отколку од ВМРО за единаесет години,верува дека народецот ќе им верува. Дека тој народ, што на „голема“ врата ги донесе на влас, нема да заборави што им направија вмровците. Дека не се со кратко помнење и дека нема повторно да го дадат својот глас за „пеколот“. Заборавија дека и нашиот народ, од „пусти“ лаги, стана „превртлив“. Веќе ништо пред очи не гледа. Верува само на оној што ќе го излаже. СДСМ дека имаа грешки, самите велат, имаа. Дека ветија многу повеќе отколку што направија и тоа е точно. Дека не го донесоа „животот за сите“ и тоа е факт. Но, направија, многу друго. Со влегувањето во НАТО и ги обезбедија границите на Македонија и седнаа заедно со најсилните и најбогатите од светот. Со чекорот до ЕУ, велат дека ќе ги отворат границите за Македонија и дека нема да дозволат таа да биде последната заробена држава на Балканот. И најважно ќе му обезбедат убав живот на Македонецот.

Игрите не стивнуваат. Ја формираа техничката влада. Заев го тргнаа. Вмровците полесно дишат. Власта е важно да се добие. Ништо друго. Ниту Заев, Шеќеринска, Спасовски и сите други не се важни. Важно е народот повторно да им поверува. Важно е повторно да се вратат. Но, и едните и другите како да забораваат дека дали СДСМ ќе го продолжи патот или ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе се врати зависи од Македонецот, од неговиот глас!?.Дали ќе го заборави груевизмот !?.

Стоилко Андреевски