Во текот на вчерашниот ден, во вилата Водно се одржа лидерска средба, по која претседателот на СДСМ, Зоран Заев, јасно и гласно повика да се воведе вонредна состојба.

“На оваа средба ја отворив и потребата од воведување вонредна состојба. Имајќи ја предвид ситуацијата воведувањето вонредна состојба е неопходно за да може брзо и ефикасно да се донесат мерки особено за здравствената состојба на граѓаните, но и за економските мерки за помош кон стопанството и граѓаните.”- рече по вчерашната средба, Заев.

Во своето обраќање по лидерската средба, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, инстистираше вонредна состојба да се прогласи дури по 30 дена од вчерашниот ден.

“30-тина дена да се прогласи веднаш состојба на криза на целата територија на државата, дури потоа да се примени кон вториот чекор, а тоа е прогласување на вонредна состојба. Или пак некои понатамошни парцијални определувања на криза во определени региони кои што ќе бидат зафатени со пандемијата на корона вирусот”, посочи Мицкоски.

Не поминаа ниту 24 часа од неговата последна изјава, Мицкоски ретерираше од вчерашниот негов став и денеска побара итно воведување на вонредна состојба.

И техничкиот премиер, Оливер Спасовски информираше дека на денешната седница на владата била донесена одлука да се побара воведување на вонредна состојба на целата држава.

Се очекува, претседателот Пендаровски да донесе одлука за воведување на вонредна состојба, во ситуација кога парламентот не може да се собере.