Драги сите, верувам дека на огромното мнозинство од вас им е јасна сериозноста на пандемијата. Се соочуваме со невидлив и смртоносен непријател, но верувам дека на крај со разум, трпение, љубов, солидарност и екстремна внимателност – ќе го победиме, напиша на својот Фејсбук профил Слободан Јаќоски.

„Би сакал само уште еднаш да илустрирам некои факти. Ова не го правам за да „создадам паника“, туку и на тие што не се доволно освестени да им предочам зошто МОРА да бидат и да поставиме некои очекувања:

– Откако после примерот на Италија сфативме што значи „стапка на смртност“ и дека коронавирусот КОВИД-19 дефинитивно НЕ Е обичен грип, да го разгледаме концептот на „експоненцијален раст“. Според досегашните сознанија, бројот на новозаболени се дуплира секои 4 до 5 дена. Ова не делува особено страшно, но ако ги направите помножувањата излегува дека од само еден новозаболен за 40-50 дена заболуваат над 1.000 нови. Затоа е екстремно битно да седите самоизолирани доколку сте биле во посета на некоја странска земја или ги имате симптомите (сува кашлица, покачена температура).

– Ниеден здравствен систем во светот не е подготвен за ваков наплив на пациенти, и затоа повеќето земји преземаат драстични мерки да ја успорат пандемијата. Ова е од две причини: првата, очигледната е да го намалат бројот намалат бројот на смртни случаи од коронавирусот, а втората е да го намалат бројот на смртни случаи од ДРУГИ болести – кои не можат да добијат здравствена помош поради преполнетост на капацитетите.

– И покрај сите мерки, бројот на новозаболени ќе расте извесно време. Ова е главно поради тоа што вирусот не развива симптоми веднаш (понекогаш не развива симптоми воопшто) и постојат голем број нерегистрирани заболени – според британските проценки некои 10 до 20 пати повеќе заболени од официјално регистрираните. Но исто така, тука голема улога игра и човечкиот фактор бидејќи е неверојатно тешко да се спроведат буквално сите мерки на карантин и самоизолација на толку многу луѓе.

– Истиве работи важат за секоја земја во светот, така и за кај нас. Пофалби за работата на МЗ, но треба бидеме свесни дека секојдневно ќе има новозаболени, и ова не значи дека мерките не функционираат и дека не треба да се почитуваат. Можно е дури и бројот на новозаболени порапидно да се зголемува извесен период поради природата на заразата.

Да останеме силни и паметни и да ги чуваме нашите родители, баби и дедовци. Почитувајте ги препораките, седете дома и мијте раце“ посочи Јаќоски.