За кого работи времето

Синтагмата “времето работи за нас” што ја обележа надворешната политика во 90тите години како да воскресна денеска но во внатреполитичка или поточно внатре партиска смисла.

Мене воопшто не ми е чудно што авторот на овој концепт и долгогодишен премиер и Претседател на Македонија се појави сега после толку време да исправа криви дрини. Па нели е логично, чекал времето да работи за него, чекал прав момент за да може на мала врата, без никаков личен ризик да се чувствува повторно голем и некаков си спасител на Македонија или на Сдсм. Во државничка смисла, кога беше во позиција да ги реши сите овие отворени прашања, кога имаше повеќе од двотретинско мнозинство и кога веројатно нивното решавање ќе значеше и многу помали отстапки од наша страна, тој не повлече потег, оставајќи ја Македонија полека да тоне во изолација и да гледа од страна како се интегрираат други земји еве на пример како Бугарија. Наместо ние да поставуваме услови сега нас ни поставуваат, толку од државничката визија.

Недостатокот на храброст да се ризикува личниот политички рејтинг некако го поистоветувам со кукавичлукот кој сиве овие години го продуцираше најгласниот молк кој некој “политички бард” го имал во поновата историја на Македонија. Бранко Црвенковски молчеше за бомбите, молчеше за Диво Насеље, за шарена револуција, за 27ми април, за реферндумот, за влезот во Нато, за се. И за добро и за лошо.

Но денес исто како и тогаш проценката му е промашена. Луѓето ни одблиску не се толку наивни како што беа порано, тие препоснаваат што е храброст а што лично математичарење. Се разбира препознаваат и што е прекорачување на црвените линии и воопшто не му треба човекот што многупати ги остави на цедило сега да ги спасува.

Исто така чувствувам потреба да ја препознаам неверојатно големата желба и посветеност на оваа влада конечно да ја придвижи Македонија кон ЕУ но и јасно да истакнам дека јас верувам дека антифашизмот е еден од најсилните темели на оваа држава и дека тоа е императив што никако не смее да биде ралативизиран. Длабоко сум убеден, настрана од политички и дипломатски тактики, дека никој во моменталнава администрација нема да ја подрие таа светиња.

ФБ статус на Замир Мехмети