Постојано си објавуваат анкети од своите портали, си споделуваат на „Фејсбук“ „бомбастични“ објави за „криминалот“ на Заев и се убедуваат самите себе си дека на 12-ти април ќе победат. Се залажуваат така оти не знаат да живеат без власт. Научени се со пастир над главата да ги дискриминираат и плукаат сите што размислуваат поразлично од нив.
Меѓу првиот и вториот круг од претседателски избори приврзаниците на ДПМНЕ беа сериозно окуражени дека ќе се вратат на власт, дека нивниот националистички и анти-Преспа идеолошки пристап ќе победи со кандидат кој се доживува дека е над сите само заради тоа што е универзитетски професор. Беа окуражени до тој степен што веќе правеа планови како ќе се „справат“ со сдсмовците, со поддржувачите на „Преспа“ и со вештерката наречена Европска Унија. Во вториот круг доживеаа пораз и покажаа разочарување рамно на семејна трагедија или љубовна повреда. Тоа разочарување го илустрираше фактот кој денес е се повидлив – дека не знаат да живеат без власт, дека не знаат да живеат без корумпирани институции кои се на страна на насилството и дискриминацијата.
Денес гледаме слично сценарио. Веќе се кројат планови како неистомислениците ќе почувствуваат како е ДПМНЕ да се врати на власт, како ќе ги враќаат институциите со ликови вклучени во 27 април, блиски луѓе на Груевски и останати добро познати насилници кои се’ уште не дочекале правосилна судска пресуда. Нетрпеливоста за власт оди до таму што уште од сега, на 3-4 месеци до избори, се демонстрира нивното типично однесување, почнувајќи од најниските редови, па се до нивните технички министри.
Понатаму, ДПМНЕ има уникатна политика кога се работи за внатрепартиското менаџирање на членството и нивните активности. Како за претседателските избори така и сега ги дигаат очекувањата на членството дека партијата е пред голема победа. Идентично како и за претседателските минатата година. Очекувањата одеа само нагоре, ентузијазмот се зголемуваше, а на изборниот ден ги дочека големо разочарување. Се разочара и изненади дури и самата кандидатка.
Раководството на ДПМНЕ и генерално партијата опстојува врз лажни вести, лажни информации и полуинформации и истите ги применува внатрепартиски. Очекувањата на членовите и симпатизерите, иако соочени со слаб одзив на внатрепартиски активности и кога против себе ја имаат цела демократска јавност, па и онаа надвор од државава, тие гаат надежи не за било каква победа, туку за историски најголема.
Сценариото од претседателските избори е се поверојатно дека ќе се случи, само наместо Сиљановска овој пат ќе заплаче Мицкоски.
Сотир Габелоски