“Имаме чест да бидеме сведоци на прво видео каде камерите “уловија” три риса за 30 секунди. Најверојатно се работи за една женка и два мажјаци. Овие единки не се следат по методот на телеметрија т.е немаат GPS околувратник. Уживајте!”

Вака Националниот парк Маврово на својата Фејсбук страна ги објави одличните вести. Имено, камери поставени во националниот парк спонтано “фатиле” во кадар 3 риса за само половина минута. Она што оваа вест ја прави уште подобра е фактот дека трите риса кои се гледаат на снимката немаат GPS околувратник, односно не спаѓаат во оние единки кои се следат со метод на телеметрија.

Инаку, балканскиот рис е национален симбол на Македонија и се наоѓа на монетата од пет денари. Рисот се смета за најголема мачка на европскиот континент, а балканскиот рис, за жал, се наоѓа на работ на истребување.

Во минатото, рисот бил распространет на целата територија во западните и јужните делови на државата, како и на некои планини во источните делови на Македонија. Денеска тој е на прагот да биде целосно избришан од листата на животни, така што ваквите вести сепак враќаат надеж дека бројката на регистрирани единки ќе се зголеми.