Евидентно претходното уставно име “Република Македонија” е во средиштето на ВМОРООНСКАТА политичка програма.
Да се потсетиме, земјата не беше признаена од најголемиот број земји членки на ЕУ, а во ООН беше евидентирана под привремената одредница ФИРОМ.
Под таа привремена одредница државата функционираше како член на сите меѓународни организации.
Услов за прием во НАТО и ЕУ беа историските преговори со Грција и Бугарија.
Со Преспанскиот договор и Договорот за пријателство со Бугарија државата го задржа името Македонија, кон кое ја додаде придавката која е географска одредница која покажува на кој дел од просторот наречен “Македонија” е формирана државата Република Македонија.
Со додавањето на географската одредница “северна” државата Македонија доби меѓународно име со кое привремената одредница ФИРОМ е заменета со уставното име Република Северна Македонија. Под ова име е заведена како членка на ООН и во сите меѓународни организации.
Тоа и овозможи и прием во НАТО и почеток на преговори за влез во ЕУ. При тоа е признаен македонскиот национален идентитет, македонската нација и македонскиот јазик од Грција и делумно од Бугарија.
Со тоа не се доведени во прашање националната припадност на етничките Македонци кои потекнуваат од Егејскиот дел од Македонија кој е дел од Грција, или етничките Македонци во Пиринска Македонија која е дел од Бугарија. Борбата за национални и граѓански права на етничките Македонци и другите народности единствено можат да ги водат како граѓани во тие земји.
Неразбирањето на историскиот факт дека просторот “Македонија” е поделен во 19 век, а дефинитивно после првата светска војна и дека сегашните граници се неменливи и затоа залагањето за “Обединета Македонија” е спротивно на статусот на Република Северна Македонија во НАТО и ЕУ и историската логика и реалност.
Сепак единствено Република Северна Македонија го има ексклузивното право да го има името МАКЕДОНИЈА како држава. И единствена е под тоа име!
Во рамките на ЕУ се рушат државните граници меѓу членките, а тоа значи и меѓу Северна Република Македонија, Грција и Бугарија. Високите стандарди за човечки права и нивната примена преку судските и други институции на ЕУ ќе им овозможат на етничките Македонци и другите народности во Грција и Бугарија да ги остваруваат своите национални права во Егејскиот дел од Македонија кој е дел од Грција, или во Пиринска Македонија која е дел од Бугарија.
ВМРООНСКАТА парола “Секогаш Македонија”, може да се остварува само како Република Северна Македонија член на НАТО и ЕУ!
Секој друг пристап, проект де факто е антимакедонски и антидржавен и нелегален и ја загрозува иднината на Република Северна Македонија!
Тито Беличанец