Да ја погледнеме втората прес конференција на претседателот на СДСМ, Зоран Заев од проектот “Вистината за Македонија”, одржана на денешен ден пред точно пет години, на која беа објавени телефонски разговори, од кои може да се слушне како бил направен упад во судството и се местеле судии, обвинители, пресуди…нешто што сеуште не може да се искорени.

 

Прес конференција, СДСМ
Зоран Заев, претседател на СДСМ
Скопје, 15.02.2015 год.

Почитувани граѓани,

Имаме обврска да ја обелодениме Вистината за Македонија. Ветивме дека тоа ќе го направиме и продолжуваме.

Објавивме тежок политички скандал, дека братучедската двојка, Груевски и Мијалков прислушувале. Ја прислушувале СДСМ, ги прислушувале своите најблиски соработници, ги прислушувале своите коалициски партнери, ги прислушувале другите опозициски партии од македонскиот и албанскиот политички кампус. Ги прислушувале граѓаните, над 20.000 луѓе.

Ова што денеска ќе го слушнете ги надминува границите на скандал.

Груевски, Мијалков и соработниците, не само што прислушувале.

Прислушуваните разговори ќе ви го потврдат сето она што граѓаните и јавноста го знаат и го почувствувале на своја кожа.

Ќе се уверите лично во директната спрега на релација власт – правосудство.
Ќе слушнете како Груевски и Мијалков, со неколкумина свои соработници, заедно со функционери од коалицискиот партнер ДУИ:

-Местеле судски и обвинителски одлуки

-Местеле избори и разрешување на судии

-Местеле претседатели на судови

-Местеле унапредувања на судии, послушни кон власта

Денеска ќе слушнете каква контрола воспоставиле овие луѓе од власта на чело со Груевски и Мијалков врз судството и правосудниот систем во Република Македонија

-Ќе слушнете како министер за правда од ВМРО-ДПМНЕ и министерката за внатрешни работи Јанкулоска договараат судска одлука.

-Како директорот на УБК, Сашо Мијалков нарачува избор на претседател на Врховниот суд кај Муса Џафери од ДУИ и што нуди за возврат.

-Ќе слушнете договори и нарачки на судски одлуки во коишто учествуваат Ставрески, Јанкулоска, Вељаноски, Груевски, претседател на Врховниот суд и Марко Зврлевски, актуелниот републички Јавен обвинител..
-Ќе слушнете за линкот и нарачките на пресуди што ги правел лично Драган Павловиќ Латас.

Сето тоа ќе го слушнете и ќе ви стане кристално јасно дека во Македонија нема минимум правда.

Првата снимка што ќе ја слушнете е разговор помеѓу министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и тогашниот министер за правда Михајло Маневски, како местат судска одлука за брат на членка во Судскиот совет. За возврат таа треба да им послужи за избори и разрешувања судии. Говорат како “ја истерале работата на првостепен суд и на Апелација“, како обајцата интервенирале. Се договараат како ќе ја примат нејзината ќерка на работа, бидејќи таа (членката на РСС) им е “џокер за избор и разрешување“ на сите судии. Во разговорот потврдуваат дека во местењето е вмешан Никола Груевски, а дека од друга страна претседателот на Парламентот, Трајко Велјановски и неговиот кум и тогашен претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски обезбедуваат “ревизија преку ред“ и укинување пресуди.

Следната снимка што ќе ја слушнете е нарачка на директорот на УБК, Сашо Мијалков кај тогашниот вицепремиер за рамковен договор, Муса Џафери за местење прв човек на Врховниот суд. Станува збор за поставување претседател на Врховниот суд. Ќе слушнете што Мијалков ветува, кои `се места во судството ги добива за возврат партијата на Ахмети и на каков начин двете партии буквално се пазарат со клучните позиции во судството.

Ништо не е случајно во судството па ни унапредувањето на Марко Зврлевски во Јавен обвинител. Не е случајно ни што Зврлевски молчи веќе 7 дена по објавениот скандал за прислушување на над 20.000 граѓани од страна на Груевски и Мијалков. Во следната снимка од разговорот на Јанкулоска и министерот за финансии Ставрески ќе ви стане јасно дека послушноста на Марко Зврлевски како Јавен обвинител за организиран криминал, го однела чекор повисоко во правосудниот систем. Лично тој, по нарачка лично на министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска донел јавно обвинителска одлука  – отфрлил кривична пријава против министерот за финанси, Зоран Ставрески.

Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, почитувани граѓани, избира кои судии треба да бидат унапредени. За тоа, според овој разговор што ќе го слушнете се информира од градоначалникот од Прилеп, од ВМРО-ДПМНЕ, Марјан Ристески за да провери дали одреден судија е доволно нивен. Се работи за судијата Никола Крстевски кој, очигледно го минал партискиот суд, па сега е унапреден во судија во Апелацискиот суд во Битола.

Примери за директен упад на извршната власт раководена од Груевски и Мијалков и неколкумина нивни соработници има многу. Во оваа прес конференција ќе слушнете уште еден прислушуван разговор од страна на Груевски и Мијалков. Од него ќе стане јасно како само на Драган Павловиќ Латас, му успева да ги добие сите судски процеси. Послушникот на власта на Никола Груевски, директно кај сопругата на тогашниот министер за правда, Михајло Маневски, судијката од Апелацискиот суд, Филимена Маневска, интервенира Апелација да суди во негова полза, а Маневска се нафаќа да помогне.

Ова што го слушнавте е запрепастувачко, грозно.

Ова недвосмислено открива зошто затворите во Македонија се полни со политички затвореници, како се монтираат судски процеси против неистомисленици, како се местат судски пресуди против новинари што не се соработници со власта и против секој кој не е соработник на власта.

Со ова почитувани граѓани,

Прекршени се членовите 17, 18 и 25 од Уставот на Република Македонија, што се однесуваат на слободата и тајноста на комуникацијата, гаранција на приватноста, достоинството и угледот на граѓаните.

Прекршени се и членовите 8, 98 и 106 од Уставот на Република Македонија, што се однесуваат на владењето на правот, поделбата на власта на законодавна, извршна и судска, самостојноста и независноста на судството и на јавното обвинителство.

Сега веќе е јасно кој прави насилство и кој го урнисал уставниот поредок на Република Македонија.

Сега веќе е јасно дека нема владеење на правото и правната држава.

На ваквото владеење ќе му ставиме крај.

Продолжуваме.