На денешен ден во 2015 година тогашниот опозициски лидер Зоран Заев ја објави таканаречената 12 по ред „бомба“, како дел од проектот “Вистината за Македонија”, во која беа откриени шокантни разговори од аудио снимки помеѓу добро познати протагонисти кои најдрско диктирале пресуди и го држеле во свои раце целиот правосуден систем на нашата држава.

Оваа бомба покажа кој ги држел конците во правосудниот систем во државата и како тројца луѓе “им кроеле капа” на сите, односно тогашниот премиер Никола Груевски, директорот на УБК Сашо Мијалков и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Заев тогаш истакна дека овие луѓе се пазареле, местеле судии и обвинители, а имале и одмазнички планови спрема сите кои не се однесувале сервилно кон нив.

Во еден од разговорите за кадрите во судството, Јанкулоска му објаснува на Мијалков дека судиите ги запишува во тефтер, според бројче и според тоа кој ги предложил, а и им става и „плусови“. Судијката Лидија Петровска, за која во моментот разговарале, во тефтерот на Јанкулоска била заведена под бројот 72.

Во останатите разговори можеше да се слушне како:

-Филимена Маневска го упатува Влатко Мијалков да се јави директно кај Љупка Арсениевска: „Таа ептен наша е“;

-Мартин Протоѓер бара од Јанкулоска врски за сопругата на негов другар, на која и‘ била поднесена кривична пријава за сообраќајка;

-Јанкулоска бара Сашо Мијалков да интервенира во Врховниот суд за МВР да изгуби спор кој го води против едно лице;

-претседателката на Судскиот Совет, Александра Зафировска, ја извршува „договорената задача“ – однапред да го информира премиерот за кои места во судството ќе биде објавен конкурс и уште многу други.