На денешен ден, 9-ти Јули 1922 година пред точно 100 години (1922-2022) во Крива Паланка се случила големата поплава на градот.

Во топол јулски ден, кога жителите на градот си ги извршувале своите обврски, околу пладне во далечината на североисточниот дел на градот се појавиле темни облаци. Никој не претпоставувал дека Крива Река ќе надојде толку голема и ќе се случи поплава.

Водената стихија, дождот соединувајќи се со надојдената Крива Река ќе зафати голем дел од градот при што ќе бидат однесени 96 дуќани и куќи, кои главно се наоѓале во централниот дел на градот, на денешниот плоштад, од долот Нумулија до денешното ичилиште Јоаким Крчовски од двете страни на реката.

Надојдената вода била толку голема што дури бил зафатен и црковниот двор на градската црква „Свети Димитрија“.

Катастрофалната поплава нанела големи материјални штети, страдања и несреќи. Биле уништени куќи и занаетчиски дуќани. Многу Паланчани останале без имот и егзистенција, а дел од нив биле принудени на емиграција дури во прекуокеанските земји.