Меѓу поголемите празници кои македонскиот народ ги празнува со многу обичаи спаѓа и свети Трифун, празник главно познат по обредното закројување на лозјата. Едни го сметаат за последен од зимските, а други за прв од пролетните празници. Во некои краишта на Македонија како што се Охрид и Прилеп празникот е познат и како свети Трипун (или Трипун-пијаница). Како што забележале собирачите на македонските народни умотворби но и на народните обичаи и верувања, тој бил покровител на меанџискиот еснаф, но и заштитник на лозарите и градинарите. Се верувало дека тој ги штити лозјата и градините од разни штети и несреќи (болести, инсекти, градоносни облаци и сл.), поради што луѓето го славеле и во негова чест изведувале многу интересни обичаи.