Велики петок или Распет петок е денот кога беше распнат Исус Христос. Овој ден е најстрог пост или „пост на вода“, а некои луѓе јадат стоејќи, додека други не јадат ништо цел ден сочувствувајќи со распнатиот Исус.

Одлуката за погубување на Христос на Велика Среда ја донело Еврејското црковно собрание. Исус Христос бил пронајден и уапсен кај Гетсеманската градина, по Тајната вечера ноќта меѓу Велики четврток и Велипеток. Ноќта Христос бил мачен и камшикуван за на крајот да биде изведен пред Понтиј Пилат, римскиот намесник за Јудеја.

На Христос му бил ставен венец од трње на главата и тежок крст на плеќите кој го носел до ридот Голгота, каде што е распнат. По патот тој бил плукан и навредуван од мнозинството народ. Но се нашол таму и еден добар човек по име Симон од Киринеја кој се сожалил и му помогнал на Исус да го носи крстот. И денес по 2000 години, патот по кој тој одел е познат како пат на болката. На Голгота биле поставени три крста. Крстот на Исус бил во средината а од страните биле распнати двајца разбојници. Дури и на крстот Исус побарал прошка од Бога за своите џелати извикувајќи: “Оче, прости им зашто не знаат што прават”.